Macedonian Social Sport – Македонскиот карате кид, со брзи потези реди вртоглави успеси

Ако веќе зборуваме за спорт, спортски успеси и достигнувања, не може а да не се забележи светскиот успех на ,,карате кид ” од Македонија, кој неполна година како живее и успева во Чикаго. Со резултати кои одземаат здив, со техники кои може да се видат по филмовите, овој млад човек докажува дека со голем сон, желба, натпреварувачки дух, жед за победа и визија за светла иднина навистина може да се освои светот. 

Дејан Милошевски-Чобачо е роден во Кичево, од каде што и започнува да тренира карате. Потекнува од фамилија каде што желбата за адреналин, натпревар и победа биле секогаш присутни. За доста краток период успеа да се снајде во Чикаго и навистина да го живее својот сон. За добрите вести надалеку се слуша, па така дојде до наше внимание да дознаеме нешто повеќе за овој млад човек, каратист и споделиме неколку од неговите животни искуства, новитети, приказни и спортски достигнувања.

MS Дејан, ти си каратист по професија и по хоби. Кажи ми како започна да се занимаваш со карате?

Моето семејство секогаш се занимавало со некој спорт. Уште како дете кога ги гледав сликите од мојот татко како се натпреварувал со својот мотор на неколку мото трки, знаев дека го имам тој натпреварувачки дух во мене. Мојата најголема поддршка во мојот живот, мојата сестра Дијана Милошовска беше исто така професионален спортист. Таа беше неколку пати државен шампион во гимнастика а потоа продолжи и професионално да се занимава со ракомет каде ги постигна и најголемите резултати во нејзината кариера. Во моето детство беа популарни и многу филмови на кои можеше да се забележи карате, и популарните актери како на пример: Џеки Чен, Брус Ли, Стивен Сигал и други. Се ова резултираше со мојот почеток да го изучувам каратето во 1995 година во мојот град Кичево.

За каратето Дејан ќе каже дека е начин на живот. Дисциплината, самодовербата и јасно поставената цел можат да Ве насочат кон успехот. Каратето го научило дека некогаш ќе победува, некогаш ќе губи но секогаш ќе учи нешто ново. 

Дејан: Можам да кажам дека сум имал многу падови во мојот живот но секогаш тоа сум го сметал како поттик и како можност дека ќе ме исфрли повеќе и повисоко кон можноста да го остварам својот сон. Тоа е исто како да скокате на трамболина, колку подлабоко ќе пропаднете толку повисоко ќе ве исфрли. Таков е и животот. 

Освен каратист, Дејан е и судија по карате со светска лиценца. Успех за кој тој особено се гордее. 

Дејан: Кога имате желба, цел и не се откажувате така лесно од вашите соништа “nothing is impossible”. Потребни беа многу работи за да се стане светски судија во карате, мојата најголема подршка е моето семејство. Во 2013 година кога положив за европски судија за карате бев најмладиот судија во Европа и верувајте ми бев многу возбуден и среќен. Во 2018 година успеав по втор пат да станам најмлад судија ама овој пат во светски рамки. Долг период сонувате и длабоко во себе знаете дека ќе го направите тоа и следниот момент го живеете тој долго очекуван момент едноставно тоа е чувство кое не може да се опише со зборови.

MS Се занимаваш ли со друг спорт освен карате?

Да, секогаш ме привлекувале боречките вештини, повеќе години се занимавам со реално аикидо, кога живеев во Швајцарија  почнав да се занимавам со Кобудо. Кобудо е стара  воена вештина (Tokugawa период 1603-1868) која потекнува од Окинава-Јапонија. Во оваа вештина се користат неколку традиционални оружја како на пример: катана, тонфа, кама, нунчаку, бокен, бо и сл.

Веќе неполна година како живее во Чикаго и за доста кратко време започна да го живее својот сон. 

Дејан: Во Чикаго живеам 11 месеци и можам да кажам дека моментално сум презадоволен од успехот, кој што успеав да го направам во овој навистина краток период. Дојдов во септември мината година од Швајцарија каде живеев 2 години. Да бидам искрен првите недели ми беше тешко да се навикнам на овој стил на живот. Но тоа беше предизвикот со кој морав да се соочам, со мојата посветеност и јасно поставена цел успеав да го надминам.  За мојот роденден овој месец го добив најдобриот подарок, го освоив бронзениот медал на државното карате натпреварување каде имаше пријавено повеќе од 2200 учесници. 

Моментално работи во Fonseca Martial Arts, една од најголемите карате организации во Илиноис, основана од страна на г/дин Џон Фонсека. Имаат  5 карате школи (Chicago, Park Ridge, Evanston, Wilmette, Glenview) со вкупно 1000 ученици. 

Дејан: Јас сум менаџер и главен карате инструктор во ФМА- Гленвју. 

Поради моето големо судиско искуство, член сум на судиската карате комисја во ФМА.  

Од неодамна имавме и преструктуирање во менаџмент структурата на ФМА. Поради моето формално образование, магистер на МБА менаџмент, и моето повеќе годишно искуство во делот на финансиите, веќе неколку месеци го менаџирам и финансискиот сектор на ФМА.

Дека е вистински херој покажува и фактот дека со каратето и техниките на каратето помага на дечињата кои имаат потреба од тоа. 

Дејан: Имаме повеќе различни програми но заедничко за сите нив е дека каратето содржи техники кои ја градат силата, издржливоста и флексибилноста, држењето на телото, рамнотежата и координацијата. Но овој спорт освен физички бенифиции нуди и ментални бенифиции, како на пример градењето на самодовербата кај децата и подобрување на концентрацијата.  

Овде би ја спомнал програмата КИАИ. Во оваа програма имаме дечиња со посебни потреби, некои од нив користеа помагала за да се движат и тренингот го правеа со нив. Посебно сум горд на еден голем шампион кој после 6 месеци карате тренинг успеа да ги направи своите први чекори без неговата количка. Ние ги менуваме нивните животи но верувајте ми и тие ни ги менуваат нас.   

За каратето тој ќе каже дека е доста популарно во САД, со оглед на тоа дека во 2020 ќе биде дел и од Олимписките игри. Подеднакво е застапен и кај машката и женската популација, најбројни се децата но има и повозрасни каратисти кои се занимаваат со каратето како рекреативен спорт. На пример посебната карате група ‘’Golden Dragons”  65+ години. 

Со кои возрасни групи работиш? 

деца од 3/4 години, Karate Tots

деца од 5/6 години. Little Dragons

деца постари од 7 години, овде имам неколку подгрупи во зависност од нивното искуство и карате појас (novice, beginer, intermediate, advanced). 
Begginer karate

Adult Karate

KIAI

Kick Out PD

На прашањето кој е Дејан приватно, тој ќе каже.

Јас сум од Кичево и од кога знам за себе секогаш сум сакал предизвици и имам натпреварувачки дух. Магистер на економски науки (МБА), зборувам англиски и француски јазик.  Во Чикаго живеам на неколку метри од езерото, често трчам и се трудам да го поминам слободното време во природа. Така ги полнам своите батерии и  секогаш имам позитивна енергија.  Моето второ хоби се моторите, сакам да патувам и често правам авантури и посетувам повеќе места и сакам да пробам локални специјалитети. 

Неговата најголема желба е  во 2020 година да има можност да суди и на првите олимписки игри во Токио на кои каратето за прв пат ќе биде дел од оваа највисока спортска манифестација. А освен тоа, тој има уште една голема цел пред себе. 

Моментално работам на новиот карате проект за лекување на Паркинсонова болест. Во проектот се вклучени околу 60 учесници, на возраст од 30 до 80 години, а тимот се состои од лиценцирани ПБ карате инструктори од ФМА, како и доктори и ассистенти од Раш хоспитал. 

По спроведеното првично тестирање на учесниците, резултатите беа изненадувачки. Оваа година потпишавме договор со најголемата болница во Илиноис „Раш хоспитал“. Доколку резултатите се позитивни од овој проект, оваа програма ќе биде прифатена и признаена како национална и ќе биде спроведена на целата територија на САД ова е мојата најголема цел оваа година.

Други цели се: следната година да освојам 1 место на државното натпреварување во САД. 

И за самиот крај на разговорт, еве што Дејан им препорачува на сите читатели на Macedonian Social.

Карате е вештина првенствено наменета за градење на личноста и карактерот. Ако сакате да бидете мотивирани, полни со самодоверба и позитивна енергија и да имате здрав живот тогаш е време да започнете со вашето карате патување.

Читањето на МС е одлична вежба за вашиот мозок, а каратето е одлична вежба за вашето тело. Затоа продолжете да го читате МС и трениратје карате во ФМА – за сите читатели следува (1 week free). 

Најава за македонската црковна конвенција во Бафало, Њујорк

   Еден од најголемите собири на кои можат да се видат голем број на наши иселеници е Македонската Конвенција, која секоја година освојува по својата уникатност,  оригиналност и затоа од година до година се рушат рекорди на посетеност. Со содржините кои се опфатени на овие собири се покажува богатата традиција, култура и спортски дух на нашите иселеници во Америка и Канада. Традиционално, овие собири се оддржуваат во првата недела од месец Септември и траат три дена, најчесто тоа е петок, сабота и недела. Првиот собир на американско-канадската епархија е оддржан во 1975 година во Торонто, Канада.  Оваа година, конвенцијата ќе се оддржува од 30-ти Август до 1-ви Септември, а град домаќин е Бафало, Њујорк .  

Годинава е јубилејна, ќе се прослават 45 години од  првата одржана конвенција. На овој македонски црковен собир, има најава дека ќе присуствуваат македонци од сите делови на Америка и Канада, чии патишта ќе се вкрстат во МПЦ  ,,Св. Кирил и Методиј” во Бафало, Њујорк. Одржувањето на конвенциите е со цел да се негува и шири македонската култура, традиција, музика и храна.

Што е тоа конвенција, или како што некои ја нарекуваат конвокација?

Да разјасниме дека и двата збора имаат слично значење, само потеклото на зборот е различно. Зборот конвокација е од религиозно потекло, а конвенција потекнува всушност од собирите на Македонската Дијаспора во МПО (македонска патриотска организација). Така црковните собири го добиваат името Македонски Конвенции организирани од Американско-Канадската епархија при МПЦ. 

Минатата година собирот се одржа во црквата ,,Св. Кирил и Методиј” во Чикаго, кои се покажаа како одлични домаќини, за чија организација имаше само пофални зборови и голема посетеност. Од минатата година пехарот се предаде во рацете на овогодинешниот домаќин, ,,Св. Кирил и Методиј” од Бафало, Њујорк каде подготовките течат  во полна пареа.  

Еве ја програмата предвидена на конвенцијата

Петок, 30-ти Август 2019

Пристигнување на гостите

7:00 pm- Младинска игранка во црковната сала при МПЦ ,,Св. Кирил и Методиј”

Сабота, 31-ви Август 2019

8:00 am- Турнир во фудбал- Sahlen’s Sports Park, Elma, NY

9:00 am- Седница на Епархиското Собрание во црковната сала при МПЦ ,,Св. Кирил и Методиј”

06:00 pm- Вечерна богослужба, МПЦ ,,Св. Кирил и Методиј”

07:00 pm- Смотра на играорните групи во црковнта сала на ,,Св. Кирил и Методиј”

09:00 pm- Младинска игранка, ,,Св. Кирил и Методиј”

Недела, 1-ви Септември 2019

09:00 am- Свети Архиерејска Литургија, МПЦ ,,Св. Кирил и Методиј”

09:00 am- Турнир во фудбал, Sahlen’s Sports Park, Elma, NY

06:00 pm- Гала банкет и церемонија на доделување награди, Lucarelli’s Banquet Center, Lackawanna, NY

08:00 pm- Младинска игранка во црковната сала на ,,Св. Кирил и Методиј”

За повеќе информации посете ја и ФБ страната @ Macedonian Convention Bufallo 2019

Овие собири се место каде нашите се дружат, запознаваат, разменуваат мислења, контакти, играат и имаат убаво поминате време за кое се раскажува, нормално до следната средба или конвенција. А каде ќе се оддржува црковниот собир следната година ќе се објави ве текот на овогодинашниот собир. Наш совет е да побрзате и резервирате хотел, авионска карта и сите правци нека водат кон центарот на случувањата на сите македонци во Америка и Канада, а тоа е во Бафало, Њујорк. 

Првата Македонска продавница во Чикаго, се на едно место

  • Македонско, од светски размери, а сепак домашно и топло. Токму така изгледа првата македонска продавница Lemont Valley Market отворена во околината на Чикаго.  Конечно, она што недостасуваше овде, место кое потсеќа на дома, урбано, совршено катче за сите ваши желби. На 15000 до 20000 македонска популација ( бројка издадена од Македонскиот Конзулат во Чикаго) оваа продавница е полн погодок, локација во која има производи за сечиј вкус. 
  •  Lemont Valley Market, лоциран во строгиот центар на населбата ЛеМонт е отворен на 17 Април 2019, со цел да се задоволат желбите и вкусовите на потрошувачите не само од Македонија, туку од Балканот и од Европа. Самата локација на продавницата потсеќа на онаа крај кејот на реката Вардар, но во овој случај не Вардар туку реката Дес Плеинс. Оваа продавница ги задоволува потребите од најмало до најголемо, со широкиот асортиман на македонски производи од најпознатите брендови во Македонија. 

Она што е карактеристично и неопходно за секоја македонска трпеза е ајварот, а овде може да го најдете во големи количини, исто како и пинџурот и лутеницата која никого не остава рамнодушен по уникатниот пикантен вкус. Во овој маркет може да ги најдете брендовите на Mama’s, Brajans, VAVA, Perustija и Bash Ajvar. Интересна информација е што Mama’s ајварот е прозведен по Кошер и Халал стандардите кои се без конзерванси и адитиви и во денешно време многу значат, посебно за оние кои внимаваат на традицијата и што внесуваат во организмот.

Сите оние кои се љубители на туршија или зимница од веќе споменатите брендови овде можат да се снабдат со кисели краставички, руски салати, црвена пиперка или пак кисела зелка за сарма. Повеќе не мора да чекате зима за да направите сарма, овде ја има 365 дена.

Производи како тетовско гравче и брашно, кочански ориз, масло за јадење од најпознатата фабрика во Македонија Брилијант се само дел од големиот асортиман на производи кои ги има на рафтовите во оваа продавница. Екслузивно за читателите на Macedonian Social откриваме дека наскоро доаѓа нов бренд на кочански ориз кој ќе е во нивна сопственост.

,,Зависниците” од благо можат да ги набават најубавите чоколади, Ресана од Агроплод Ресен, Витаминка производите, Стоби Флипс Смоки, Европа Скопје крем бананки како и најпознатите наполитанки Veneto. Најново во продавницата е прозводството на најпознатите свежо направени домашни македонски слатки, колачи, еклери, индијанки и тулумби. 

Кога сме кај домашно направената храна во самата продавница можете да појадувате од највкусниот бурек со сирење, месо или спанаќ, а наскоро го најавуваат и пица-бурекот кој е доста популарен. Овде се сите видови на банички и бели пецива, чоколадни кроасани или пак панини сендвичите кој потсеќаат на средношколските денови. Бурекот може да го набавите и во замрзната форма.

Освен слатки задоволства, во Lemont Valley Market може да најдете и секаков вид на македонски сирења, млечни и сувомесни призводи. Од козметика, неизбежно е да ги споменеме и производите за бебе и нега на лице, Бекутан.

Илинден пикник во Чикаго 2019

Еден од позначајните празници во Македонија е 2ри Август – Илинден или Св. Илија, a тоa е и национален и православен празник. Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ , бидејки на 2ри Август започнало Илинденското востание во 1903 година. По тој повод иселениците од Македонија во Чикако го прославуваат овој празник секоја година со пикник во дворот на македонската црква Св. Кирил и Методиј. Иако во послаб број оваа година сепак оние кои што беа раскажуваа за убавата гозба и музика. Оние кои што не заминаа на одмор имаа можност со македонска музика изведена од Крис, домашни ќебапи и Скопско Пиво да го обележат празникот Илинден. Додека возразните дегустираа, дечињата имаа можност за цртање на лице , скокање во балони, а не беа изоставени и возењето на малите коњчиња Пони. Оваа година за прв пат сите оние кои што беа во можност да направат домашна храна имаа шанса истата  да ја продаваат на штанд или маса и така да остварат некоја слатка заработка.

Ние ќе наздравиме за Илинден, ќе Ви го честитаме овој значаен празник и ќе си посакаме да ни е за многу години прзникот. 

Кинга на месецот: “Becoming” – Мишел Обама

Книгата “Becoming” е издадена на 13ти Ноември 2018, на големо задоволство на сите љубители на Мишел Обама. Таа пишува за спомените од своето детство во Чикаго, за расизмот во јавниот живот како и за бракот со поранешниот претседател на САД, Барак Обама. “Becoming” веќе 9 месеца е број еден на листата на најубавите и најчитаните книги насекаде низ светот. Затоа се одлучивме наша препорака да е токму оваа книга која е преведена на 23 светски јазици меѓу кои и на македонски.

 ,,Сè уште има многу нешта што не ги знам за Америка, за животот, за сето она што иднината би можела да го донесе. Но, се познавам себеси. Татко ми Фрејзер ме научи напорно да работам, често да се смеам и да си стојам на зборот. Мајка ми Мириан ми покажа како да размислувам со своја глава и како да го користам ставот што го имам. Тие двајцата заедно, во нашиот збиен стан во чикашкиот Саут Сајд, ми помогнаа да ја согледам вредноста што ја има во нашата приказна, во мојата приказна, во пошироката приказна на нашата земја. Дури и кога таа приказна не е ниту убава ниту совршена. Дури и кога таа приказна е пореална отколку што сакате да биде. Вашата приказна е нешто што го имате, нешто што ќе го имате засекогаш. Таа е нешто што го поседувате” вели педесет и петгодишната Мишел Обама во книгата.

Убоди од инсекти

Летото е убав период за излети и прошетки во природа, на отворено. Освен што треба да се заштитиме од сончевите зраци, не треба да заборавиме дека многу лесно можеме да дојдеме во контакт со некои инсекти кои понекогаш знаат да бидат опасни. Иако повеќето инсекти не се опасни, нивниот убод знае да предизвика тешка болка со јадеж. Во Илиноис постојат 712 видови на инсекти кој се впишани во базата на идентификација за инсекти. Во овој период аптеките се полни со пациенти кои бараат совет за заштита, па затоа ние ќе ги спомнеме најчестите видови на убоди од инсекти.

Комарец (mosquito) – Убодот од комарец е во форма на кружни розеви отоци. Препорачано е да не се допираат или пак чешат истите да не дојде до поголема реакција односно алергиска реакција. Јадежот ќе го намалите со амонијак, црн лист од црн бозел, или пак билката тегавец. Листовите од овие билки ќе ја намалат поддуеноста, а воедно помагаат во дезинфекција на убодот. Децата се посебно осетливи на овој вид на убод. Ве советуваме секогаш со вас да имате спреј против комарци доколку планирате денот да го поминете во природа.

Пајак (spider) – Овој вид на убод може да се забележи по неколку часа, односно кога ќе се појави болката. Најбрза превенција е местото да се исплакне со вода и да се нанесе антисептик. Постојано нанесувајте ладна облога, а болката ќе ја намалите и со неколку капки од лаванда, помешано со една лажичка алкохол или јаболков оцет. Доколку почувствувате грч на местото на убодот, ставете лед и побарајте стручна помош од страна на лекар. 

Крлеж (tick) – Овој инсект е носител на сериозни заболувања. Доста е опасен, бидејки не се забележува веднаш. Најчесто не предизвикува болка, па затоа можат да поминат неколку дена доколку го откриете. На местото на убодот настанува реакција од црвенило, широка неколку сантиметри, а во центарот црвена или црна точка. Некои луѓе се осмелуваат сами да го извадат крлежот од кожата, но наш совет е да побарате лекар бидејки постои опасност главата на крлежот да остане во кожата. Околу крлежот не смеете да нанесувате хемиски средства, бидејки тогаш тој интензивно излачува течности, кои можат да бидат извор на инфекции. 

Мравка (ant) – Убодот од мравка не се смета многу за сериозен. Тој наликува на убод од болва. Често знае да резултира со алергиска реакција. За превенција, исчистете ја раната со ладна вода и сапун, потоа поставете ладна облога на местото на убодот и нанесете антисептик.

Вошка (lice) – Епидемиите со вошките на главата се јавуваат во училиштата, градинките, но не се изоставува и појавата во летниот период и во јавните базени. Тие се мали инсекти без крила и цицаат крв од главата. Нивната боја е различна, од белузлава до кафеава и црвеникава до кафеава. Вошките живеат само кај луѓето и доколку се отстранат од главата тие умираат сами до 24ч. Покрај тоа што нивното каснување тера најмногу на чешање, исто така остава мали црвени точки на кожата. Тие не скокаат, туку само ползат при што се пренесуваат од глава во глава, најчесто кај децата при нивното играње. 

Фармацевтот Анита Коцева вели дека убодот од инсекти предизвикува во телото да се ослободи хистамин со цел да се ослободиме од алергените кои овие инсекти ги оставиле на нашата кожа. Ослободувањето на хистамин е причината за појава на црвенило на кожата проследено со јадеж, а понекогаш и со болка. Таа на сите читатели на Macedonian Social ни препорачува секогаш со нас да носиме Benadryl Cooling gel, Benadryl крем, спреј или таблети доколку поголемиот дел од денот го поминуваме на отворено во природа. Целта е да го намалиме чешањето, а со тоа и иритацијата на кожата како и распространувањето на алергенот околу местото на убодот што ќе предизвика дополнителна иритација на кожата.

На свадба со Macedonian Social

Затоа што сме уникатни, оригинални и забавни, од овој број MS ве носи на различни свадби. Преку призмата на фото-објективот на Емил Ивановски ќе видите и прочитате како се организираат и прославуваат вакви настани од сите националности и од сите делови на светот, а се прават токму овде, во Чикаго. 

Како за прва свадба за која ќе раскажуваме и пишуваме, нашиот избор падна токму на американска прослава, каде се слави токму љубовта, среќата, заедничкиот живот. Оваа венчавка се оддржа во хотелот The Wit, кој се наоѓа во строгиот центар на градот.

Се започнува уште од утринските часови кога во собите каде што се сместени младоженецот и невестата им пристигнуваат најблиските. Секој одделно (зетот и невестата) почнуваат да се подготвуваат, шминка, фризура, облекување. Гламурот е моментот кој младоженците сакаат да го постигнат со подготовките за најважниот ден во нивниот живот. Интересно за американските свадби е фотографирањето. Сакаат секој момент да биде забележан од самите подготовки па до она што тие го нарекуваат ,,first look”, a тоа е кога за прв пат невестата и зетот ќе се видат дотерани во она што ќе го носат на свадбата, нормално кај девојката тоа е венчаницата, а кај машкото костумот. Овој момент и за двајцата има посебна енергија и овде најчесто се прават едни од најубавите фотографии. По овој важен детал, следува фотосесија на младоженците на убави локации низ Чикаго каде им се придружуваат и деверушите од страна на невестата и другарите на зетот. 

Конкретно оваа свадба беше релаксирана и имаше доста време да се направи убава фото-сесија. По сесијата, следува мала пауза, а потоа доаѓа делот и на официјалната церемонија каде што во една од просториите во хотелот се случува венчавањето. На овој голем момент се даваат заветите, се разменуваат прстените, младите си ветуваат долга љубов и заеднички брачен живот. На фотографиите можат да се забележат многу емоции, посебно кога таткото ја носи до нејзиниот иден маж и официјално ја дава раката на својата ќерка. Токму на оваа свадба може да видите дека и таткото на невестата е оној кој всушност ги венчава младоженците. 

По овој дел од свадбата, сите гости одат во салата каде се одржува и преостанатиот дел од веселбата. Следува моментот кога ДиЏејот ги најавува зетот и невестата. Тие влегуваат во салата, се започнува со музика и првиот нивен танц. Важен детал е сечењето на тортата, која најчесто е голема, убава и изгледа прекрасно. Потоа невестата игра со татко и, зетот со мајка му, па кумот и старосватицата одржуваат говори на кои се кажуваат приказни и анегдоти за младоженците. Се фрла букетот, се јаде вечерата. Потоа се танцува и игра на американски песни и хитови. Токму оваа свадба траеше некои 10 часа. На менито може да се најде пилешко, говедско или свинско месо, риба со гарнир, или вегетаријанска опција. Американците најчесто трошат по околу 100 долари од човек на свадба, а најчесто се поканети од 200-300 гости. 

Од свадбените ѕвона толку за овој број, во следното издание, ќе присуствувате на друг вид на свадба. Каква? Ќе дознаете во број 3. 

Авантурите на една бринета – Сан Диего Калифорнија

Топлите јулски денови нека не ви бидат изговор да ги поминете дома или на затворен простор под клима, туку напротив причина плус да излезете надвор и да истражувате. Ако сеуште се мислевте каде да ги поминете слободните денови, тогаш Сан Диего, Калифорнија е вистинскиот избор, дали ќе се одлучите за неколку дневна прошетка или ќе го поминете целиот одмор, Сан Диего е идеална летна дестинација. Сместен на брегот на Пацифичкиот Океан, овој град е дом на безбројни плажи, паркови, планини и идеална клима во текот на целата година.

Започнете го денот од рано наутро зошто убавините од овој град ќе не можат да Ве наситат. А нема поубаво утро од она кога топлиот песок ги допира вашите стопала, а сончевите зраци го греат вашето лице. Ако сакате да уживате во мирот и во звукот на брановите, Coronado Beach  е вистинско место да го поминете вашето претпладне. Оваа плажа знае да биде доста посетувана, затоа вистинско уживање ќе најдете наутро. Без разлика дали ќе се сончате и пливате во разладувачкиот океан или едноставно ќе бидете пасивен набљудувач, не продолжувајте во истражување без да го посетите Hotel Del Coronado, кој е всушност еден од најстарите хотели и заштитен белег на оваа плажа. И секако, не заборавајте да му оставите бакшиш на човекот кој прави песочни кули напред, оставете персонална порака на неговите дела и изненадете ги Вашите сакани.

Попладневните топли часови поминете ги во посета на безбројните музеи и паркови кои му даваат посебна нота на овој град. Ако сакате се ова да го видите на едно место, тогаш Балбоа парк е вистинското место. Одвојте го целото Ваше попладне ако сакате да го проучите целиот парк, зошто што овој парк е срцето на Сан Диего. Balboa Park е дом на повеќе од 16 музеи, прекрасни градини, патеки за пешачење и многу други рекреативни активности вклучувајки ја една од најголемите зоолошки во Америка. Ова огромно пространство нуди задоволство за секого. Ноќта резервирајте ја за разгледување на градот и посета на многуте барови и ресторани. Ако сте расположени за забава, вистинското место за тоа е Gaslam Quarter. Овој дел од градот е полн со туристи и локалци каде забавата трае до доцните часови. Но ако сакате ноќта да ја поминете во помирна атмосфера тогаш прошетајте низ Little Italy. Овде ќе ги вкусите најдобрите италијански специјалитети и вина за кои секогаш ќе се чувствувате гладни и жедни кога ќе помислите на нив. Ако сепак сте за поопуштена варијанта, зграбете кафе во една и сладолед во другата рака и едноставно седнете да уживате во Piazza della Famiglia и многубројните улични музичари. Најдобар начин да го проучите градот и да видите што повеќе места и знаменитости е да изнајмите тротинет на струја кои можат да се најдат насекаде во градот и функционираат многу едноставно. Се што Ви треба е да симнете апликација за користење и го имате целиот град на дланка.

Ако сте љубител на мексиканската храна, познатите маргарити и маријачи, посетете го стариот дел на градот. Оld Town е место за храна, фолклор и забава. Сето ова најдобро би го доживеале во Fiesta de Reyes каде ќе се почуствувате како да се наоѓате во Мексико. Направете пауза и свратете во многубројните колоритни мали пазари и продавнички за сувенири каде ќе научите многу за Мексиканската историја и култура. И нормално, не заборавајте да се почестите себе и вашите блиски со некој мал подарок. 

Ако сте љубител на пешачење и планинарење тогаш на Вашиот распоред за активности мора да биде Torrey Pines State Natural Reserve Park. Овој парк нуди голем број на патеки за пешачење различни по должина, но ако времето не Ви дозволува да ги посетите сите не се разочарувајте, зошто било која да ја изберете ќе ве донесе до поглед кој ќе ве воодушеви. Се разбира, колку подалеку и повисоко отидете, погледот ќе биде повоодушевувачки. Ако сте од оние кои попрво би уживале на плажа отколку да потрошат некоја калорија на планина, уживајте во бесконечните кањони кои се наоѓаат во подножјето на овој парк и кои ќе Ве остават без здив! Без разлика за каде ќе се одлучите да го поминете слободното време во овој парк, имајте на ум дека овде нема продавници и ресторани, така што храна и вода понесете сами.

Одвојте ден за прошетка по La Jolla. Не сте биле во Сан Диего ако не ги видите фоките кои безгрижно се сончаат на бреговите и го привлекуваат вниманието на секој турист. Во овој дел од градот ќе најдете плажи за сончање, ресторани со прекрасен поглед и уште повкусна храна. La Jolla е омилена туристичка дестинација што го прави Сан Диего уште попосакуван. Ако времето Ви дозволува изнајмете кајак и отидете во кратка авантура во разгледување на подводна пештера која се наоѓа токму овде. За оние по авантурите, во близина на La Jolla Beach постои скриена лулашка за која многу малку локалци и туристи го знаат патот до неа кој не е многу познат. Но штом ќе стигнете до неа ќе бидете сведоци на една од најубавата панорама која сте ја виделе некогаш. Патот до неа нема да Ви го откријам, Ве оставам сами да го пронајдете.

И кога ќе помислите дека сте го виделе најубавото од Сан Диего, веројатно сеуште не сте ги  посетиле Mission Bay и Pacific Beach. Овие две плажи се поврзани со шеталиште долго неколку милји, така што ако сакате да ги видите и уживате во нив за еден ден, изнајмете тротинет или велосипед и впуштете се во истражување. Покрај целото шеталиште имате ресторани и барчиња кои се секогаш полни со локалните жители и туристи. А кој не би сакал да седи на бар со ладен коктел и поглед од разбранувачкиот океан пред него? Овие плажи и локали се омилено место на младите луѓе, па ако ако и Вие сте едни од нив или барем се чувстувате така, Вие сте на вистиското место. И секако, не заборавајте да ги пробате познатите Калифорниски бурита кои нема да ги најдете на ниедно друго место.

Ако среќата Ве служи да имате чисто небо, не заборавајте да застанете на Sunset Cliffs од каде ќе ги видите познатите безвременски зајдисонца во Сан Диего кои ќе ви дадат чувство никогаш да не сакате да го напуштите овој град.

Оној што бил и го искусил Сан Диего со сите негови убавини кажува дека нема поубав град во Америка, а јас со сигурност можам да Ви кажам дека е во право. Овој град е една прекрасна бајка која секој треба секој да ја види и доживее.

До следната авантура, во следниот број на Macedonian Social. Ваша, К.Л.

Како до совршени нозе

Сите посакуваме силни, затегнати и тонирани нозе, особено пред почетокот на летната сезона

Алергиите доаѓаат

Подгответе ги шамивчињата, особено оние кои имаат алергија на поленов прав