Ивана Наскова е новинарка, писателка, стенд ап комичар, лице од ТВ екраните во Македонија, девојка со големи сонови и високи цели во животот. Моментално е во посета на Чикаго и Америка, каде ужива, шета, твори и истражува. Кога веќе ни дојде на гости, ја искористивме шансата да ја запрашаме за животот, кариерата, книгите и она што ќе биде следно од неа.
MS: Ивана, веќе 2 месеци си во Чикаго. Малку на одмор и релаксација. Како ти се допаѓа овде?
Чикаго беше љубов на прв поглед! Слушнав од многу луѓе за неговата убавина, но навистина зборови не ја опишуваат убавината на овој град! Прошетав и видов многу места и градови, но Чикаго е мојата прва љубов во Америка, а првата љубов не се заборава. Ја сакам енергијата на градот, ја сакам архитектурата, парковите, езерото, плажите, ги сакам луѓето овде. Во првите 24 часа откако пристигнав јас знаев дека Чикаго ми влезе под кожа и во срце. Интересно е како во исто време овде можеш да се почуствуваш како да си во некој мал град, но и секогаш да се изненадуваш со нови места и парчиња од градот. Но како и секоја љубов и Чикаго има своја маана, сообраќајот и гужвата можат да те извадат од кожа. Но со сигурност кажувам дека го сакам овој град!
MS Од неодамна ја издаде твојата втора книга, ,,Вети ќе ме сакаш”, за која читателите велат дека тера на плачење и буди многу емоции. Како автор, што тебе ти разбуди таа книга
Книгата беше напишана во еден од моите најтешки периоди, се наоѓав во нова етапа од животот и јас како и главната хероина изгубив некој кој многу го сакав и ми беше цел свет. Природно дојде да напишам книга за таа тематика, на некој начин книгата беше мојата терапија да се кренам на нозе и да се потсетам колку животот е убав и колку сеуште имам пред себе да искусам и доживеам. Не би сакала како Илина мојата хероина во книгата, да ја загубам мојата шанса за среќа и вистинска љубов. Тоа е и приказната на книгата, понекогаш животот е тежок затоа што се плашиме да побараме помош и правиме погрешни одлуки, а не е се во рацете на судбината, ние сме судбината, ние сме оние кои со секоја наша постапка го креираме текот на нашиот животен пат, затоа планирам да бидам многу внимателна со моите одлуки, затоа што животот понекогаш не дава втора шанса.
MS Има најава за оваа книга да се претвори во филм. Нешто се крчка?
Затоа што се планира книгата да се пласира на Американскиот пазар уште во првиот момент еден од агентите кои се заинтересирани да ја издадат книгата го предложи токму тоа, приказната да се претвори во филм. Искрено затоа што доаѓам од земја каде навистина можностите се многу ограничени и одредени работи тешко се случуваат, кога првиот пат тој ми кажа за понудата за филм јас почнав да се смеам, за потоа да бидам уверена од човек кој има повеќе од 40 години искуство во ова поле, дека ДА, мојата книга е толку добра. Дека ДА, возможно е од неа да се случи прекрасен филм кој исто така ќе ги освои срцата на публиката. Тука веќе сфатив дека Америка можеби навистина е земјата на можностите, каде соништата се остваруваат.
MS Првата твоја книга, ,,Совршениот странец” пишува за среќата, втората е тажна, што е следно?
Третата книга е веќе во тек, таа е еден вид на водич за девојките кои ја бараат својата вистинска љубов. Можеби не сум експерт на ова поле, но она што самата го искусив на своја кожа и она што го слушнав од луѓето околу мене, преточено во книга, мислам дека има големи шанси да помогне кога ќе се заплеткаме во сите оние прашања кои не мачат кога почнуваме да се гледаме со некој. Не сум сигурна сеуште но мислам дека ќе биде книга од која и момците ќе можат многу да научат за девојките. Спремна сум да го кажам секое мое искуство во ова поле и можеби затоа што сакам да бидам брутално искрена, ова ми е најтешката книга за пишување досега.
MS Кога се враќаш на работните обврски во Македонија?
Пишувањето е мојата работна обврска и таа не престана ниту додека сум овде во Америка. Напротив обврските се зголемија, третата книга во тек, претходните две се преведуваат и припремаат за издавање и тоа се процеси кои одземаат доста време и енергија. Но кога го работиш тоа што го сакаш, само небото е граница!
MS Последниот ТВ проект на кој работеше беше ,,На Шанк со Ивана”. Имаш во план да
се вратиш на ТВ екраните во Македонија?
Со ситуација како што е сега медиумскиот простор во Македонија, би била луда да се нафатам на такво нешто! Трн во здрава нога што би рекле старите. Жал ми е што ова ни се случува, таков шунд и неквалитет во медиумскиот простор не се сеќавам дека постоело досега. Нека не се навредат колегите, но се што беше добро и квалитетно укинавме, за да дадеме простор на турски серии, некои емисии каде деца настапуваат со текстови на песни од кои ми се крева коса и водители и новинари кои го немаат потребното школо и искуство и сето тоа е нешто каде не би сакала да се мешам. Секоја чест на луѓе кои се трудат да го спречат сево ова и да направат нешто добро, но јас мислам дека пониско во калта телевизискиот медиум кај нас не можеше да падне.
MS Какви импресии имаш од Чикаго и нашата заедница овде?
Се радувам што сретнав толку пријателски лица овде, но во исто време и се растажував на секоја тешка животна приказна и борба за да се дојде во Америка и да се успее овде. За поздрав се сите оние наши луѓе овде кои безрезевно подаваат рака и помагаат, оние кои не го прават тоа и сеуште злобно коменираат и завидуваат зад грб треба под итно да поработат на губење на тој “балкански” менталитет. Се радувам што првите се побројни од вторите.
MS Работиш и како стенд ап комичар. Дали можеби некогаш би направила стенд ап овде во Чикаго? Од што црпиш инспирација за стенд ап?
Стенд Ап комедијата е нешто што излезе сосема случајно и за многу брзо време напреднав многу и во тоа поле. Имав неколку настапи надвор од Македонија и тоа ми дава мотивација да пробам и овде да го направам истото, зошто да не. Но сега засега книгите имаат приоритет. А во меѓувреме веќе имам толку материјал за следните Стенд Ап настапи кои ќе ги имам, затоа што инспирација ми се моите лични искуства и она што го забележувам околу мене, а верувајте за 2 месеци овде се случија толку многу работи што се одличен материјал за Стенд Ап шоу.
MS Твој совет за сите читатели на Macedonian Social?
Негувајте го она што е наше и што е дел од нашата култура. Овој весник е токму тоа. Овој весник е Македонија, овој весник сте вие. За поздрав се вакви проекти и секогаш ќе се радувам кога во земја толку далеку од мојата ќе можам да најдам списание на македонски јазик во кое се раскажуваат приказни за успешни македонци. Таков човек сум, се гордеам кога некој од нашето парче земја ќе направи нешто и за истото ќе прочитам во македонски весник. Одлични сте и знам дека ќе бидете уште подобри, посебно затоа што позади весникот како уредник застанува моја драга колешка и другарка, Марија Главчева, вистински професионалец и човек кој од секогаш ова го работела со многу љубов!