Тулумбите како рецепт потекнуваат од Турција. Самиот збор значи пумпа, а подетално не успеавме да откриеме зошто. Но овде сме да ви го претставиме рецептот на нашата читателка Биле која е позната по превкусните “Тулумби на Тета” во Чикаго. Таа веке осум години како секојдневно ги прави тулумбите и кој пробал од истите побарал уште. Рецептот го има научено од тетка и која знае да каже: “Не секој може да направи успешни Тулумби. За овој рецепт ти треба трпение бидејки процесот е долг и бара умешност со храна”.
Најпрво пригответе го шербетот кој ја има главната улога на толумбите. Тој треба да е ладен затоа Биле ни препорачува да се направи од претходниот ден за убаво да олади. За шербетот потребни се 1кг шеќер, 500мл вода и неколку парчиња лимон. Ставете се од состојките во тенџере да зоврие и да добие густа смеса потоа оставете ја смесата да се излади.
Смеса за тестото
На шпорет ставете ја водата (500мл) и масло за јадење (100мл) да зовријат. Во посебен сад ставете 350г бело брашно. Кога ќе зовријат маслото и водата, се додаваат во садот со брашното и се мешаат додека не се добие хомогена смеса. Истата смеса се остава да излади околу 30 мин, но внимавајте да не ја оставите (оладите) предолго. Откако тестото ќе се олади, се додаваат 5 јајца, но процесот за успешно тесто е едно по едно јајце, никако не ги додавајте сите наеднаш. Откако ќе ги измешате јајцата едно по едно, добиената смеса ја оставате да одстои 20-30мин, но внимавајте да не е повеќе, бидејки тулумбите нема да ви се успешни. Следен чекор е самото правење на тулумбите односно пржењето.
Пржење
Во длабоко тенџере или фритеза (кој што има дома), се става масло за јадење во голема количина (1л и повеќе), во зависност од големината на садот кој што е предвиден за пржење. Во специјален калап народски кажано “Толумбарник” (кој може да го набавите од Македонија) или пак доколку немате можност да набавите, ставете ја смесата во вреќа за филување, но треба да го имате металниот дел кој ја има формата на ѕвезда. Во загреаното масло на температура од 350°F или 177°C ставете од смесата за пржење. Формата на тулумбите им е долгнавеста и е во вид на повеќекратна ѕвезда. Големината зависи од самите вас и за каква пригода ви се тулумбите, дали ги сакате помали или поголеми. Се пржат околу 5-7мин или додека не добијат убава боја. Така врели, се вадат од маслото и се ставаат во веќе изладениот шербет да одстојат 10мин. Потоа ги редиме во тепсија и со преостанатиот шербет истураме врз нив. Некои имаат желба тулумбата да ја јадат пресна, а некои ја сакаат да отстои еден ден за убаво да впие од шербетот. Оставаме на вас да изберете кој начин ви е подобар, а ние не дочекавме да одстојат, од вештите раце на Биле во гладните стомаци на екипата на Macedonian Social.