Во овој трет број на Macedonian Social наш соговорник е Павле Биков. Човекот чиja приказна до успехот вреди да се раскаже. Живот чиј пат до целта не бил воопшто лесен. Денес има сопствена и успешна компанија за камиони, но тоа не било отсекогаш така. Како стигнал до она што е денес ќе дознаете од прво лице, лично од него, во ова интервју за Macedonian Social.
MS Што за тебе значи успех?
Павле: За мене лично успех значи кога ќе го достигнеш тоа нешто кое си го поставил како цел и визија. Кога тоа што го работиш те исполнува и мотивира и не се штедиш самиот себе си за да продолжиш по патот на успехот.
MS Кој беше твојот пат до успехот?
Павле: Патот до успехот не е лесен воопшто, мислам на сите нас кои имигрираме овде. Јас дојдов овде во 2007 година прв пат како студент да работам во Cape Cod, тоа е прекрасно место близу Boston. Дојдов во нова средина, тотално различна од животниот стил во Македонија. Но сепак тоа беше убаво лето каде што собрав многу искуство и дознав многу работи кои понатаму ти го олеснуваат патот и ти даваат правец во животот. После тоа лето се вратив назад во Македонија. Следното лето, 2008 се вратив пак на Cape Cod каде што поминав уште 4 месеци по кои одлучив да го продолжам моето патешествие и да заминам во Chicago. Тука веќе се соочив со предизвици за кои знаев дека морам да се справам, да изградам карактер, да успеам и знаев дека после тој праг нема назад.
Поминав низ познатата рецесија во 2008 кога беше навистина тешко да се најде работа и се сеќавам дека првата година работев неколку работи пред да се одлучам да влезам во камион. Не беше лесно да се одлучам и направам тој чекор, да бидам искрен, но имав за цел да успеам и да створам нешто, а ова беше дефинитивно еден од најтрнливите патишта, но во исто време и пократок до остварување на моите замисли и цели. Возев точно 3 години пред да се одлучам да отворам компанија во 2012 година. Тука морам да напоменам дека заедно со мојот парнер Таси Митев се одлучивме на тој храбар чекор и дефинитивно не погрешивме.
MS Како се справуваш со сите предизвици што ги носи бизнисот со камиони?
Павле: Секоја работа си има предизвици, но мора да најдеш начин и да се справиш со секој проблем или предизвик. Морам да кажам искрено дека во овој бизнис мораш да имаш трпение и енергија затоа што има доста работи на кои мора да си целосно посветен и фокусиран за да ја донесеш компанијата до едно ниво каде што ќе се има доста обучен кадар и луѓе со кои можете да градите стабилна и безбедна компанија.
MS Кој е Павле приватно?
Павле: Јас сум роден во Штип, Македонија, Во Америка сум веќе 12 години, оженет и татко на две прекрасни деца, Тоше и Натали. Сакам да патувам често и мислам дека тоа е нешто што ми дава дополнителна енергија и желба за поголем успех. Сакам да поминувам повеќе време со фамилијата, без разлика дали тие ќе се овде или јас ќе сум во Македонија каде што живеат моите родители и сестра. Времето поминато со фамилијата ме исполнува и дава енергија за сите предизвици. Chicago е дефинитивно еден од најубавите градови и често гледам да уживам со фамилијата или друштво во некој од многуте разновидни ресторани.
MS На што сакаш да го трошиш слободното време?
Павле: Како што кажав и претходно, сакам да патувам и уживам со фамилијата. Исто сум доста посветен на здравиот начин на живот и сакам да одам во теретана. Тоше е 7 години и е целосно посветен на фудбалот па тоа дефинитивно ми е една од омилените работи и слатки обврски што ме прави среќен и исполнува, па сум често на утакмици и тренинзи.
MS Ако не си она што си денес, што би работел и бил?
Павле: Па мислам дека доколку не бев со компанијата, пак би бил во овој бизнис, тоа ми беше еден од бек ап плановите. Сигурно би имал пак неколку камиони свои во некоја компанија.
MS Што е твоја инспирација и формула за успех?
Павле: Среќен сум и горд на се што сум постигнал досега. Јас сум личност која сака да си поставува цели и се трудам да го остварувам тоа што ме прави среќен. Верувајте во себе, бидете храбри и упорни за да го остварите тоа што сте го замислиле.
MS По кои патеки според тебе треба младите да одат за да бидат успешни?
Павле: Пробувајте и не се плашете од предизвиците. Се што ќе започнете си има ризик но тоа не треба да не спречи да започнеме со нешто ново. Правете го тоа што ве прави среќни, а откако ќе го пронајдете тоа што Ве усреќува и исполнува, верувајте дека тоа е клучот за целосно да успеете.
MS Твој совет до сите читатели на Macedonian Social?
Павле: Секогаш имајте план и храбро до остварување на своите замисли и цели. Бидете секогаш упорни во тоа што сте го замислиле. Упорност и храброст е клучот на успехот и никогаш не заборавајте од каде сте почнале. Благодарност до Macedonian Social за ова интервју и се надевам дека ова е само почеток на Вашиот пат кон успехот. Читајте Macedonian Social.