“Сум го искачил врвот, сум го допрел и дното, но секогаш сум бил и ќе останам човек”
Во првиот број на Macedonian Social направивме интервју со човек кој сакаше да остане анонимен, но сепак со задоволство ја раскажа својата животна приказна за тоа како емигрирал во Америка и како стигнал до она што е денес. За многумина успешен бизнис лик, тој за себе ќе каже дека се смета за сосема обичен, праведен и пред се вреден. Скромен по природа, а сепак толку голем хуманитарец за да помогне и подаде рака на секој кој му е потребна. Во ова интервју тој ќе го раскаже својот пат кон успехот.
MS Како дојде во Америка?
Д: Ми се падна зелена карта на лотарија. Во тоа време, деведесеттите години јас не верував во тие работи, но сестра ми почна да работи за Агенцијата за интернационален развој, се заинтересира, ми аплицираше и така ме извлекоа. Ете, моја среќа било.
MS Се чувствуваше ли среќен кога знаеше дека треба да дојдеш во Америка?
Д: Искрено од мал знаев дека нема да живеам во Македонија. Некако како да чувствував дека ќе дојде време кога ќе си заминам. Мислев на Швајцарија или Германија зато што таму имам братучеди. На крај памет не ми дојде дека тоа ќе биде Америка.
MS Што работеше во Скопје пред да заминеш?
Д: Учев во средно економско, а работев како келнер во една кафана. Но во кафаната го учев и тоа уличното школо, кое многу ми помогна во животот. Ги запознав сите профили на луѓето кои доаѓаа во кафана и навистина никогаш не знаеш кој може да ти се најде во животот. На пример татко ми требаше да оперира колк и хирургот кој требаше да го оперира ни е комшија од зграда, но не стави на листа на чекање затоа што немало доволно крв. А во кафаната кај што работев секој ден доаѓаше кључарот од државна болница. Му кажав што е проблемот и одма се најде крв и се заврши работа. Затоа, никогаш не знаеш кој и каде и зошто ќе запознаеш.
MS Знаеше каде најпрво треба да дојдеш?
Д: Дојдов во Америка со сестра ми заедно. Она имаше другарка, која живееше во Des Plaines, IL и таму останавме три недели. Јас имав само 22 години, мораше да имам покрај мене некој. На почетокот се разочарав, затоа што се шетав само по населбите надвор од Чикаго и тогаш си велев дека Скопје е метропола за овие мали згради и тесни патишта. Но потоа кога го видов Чикаго, центарот, високите згради до небо, е тогаш и реков на сестра ми дека ова веќе личи на Америка.
MS Која ти беше првата работа во Америка?
Д: Првата работа ми беше во фабрика. Така ме советуваа луѓето кај што изнајмив соба да спијам. Но, таму останав само седум месеци. Искрено на самите почетоци се разочарав од оваа држава затоа што нашиот народ има погрешна слика за овде. Затоа што кога ќе се вратат назад некои наши иселеници оставаат лажен впечаток, затоа што лажат за работата, лажат за колку примања имаат, се фалат премногу. И нормално, народот таму мисли дека тука е мед и млеко и дека минимална плата е 5000-6000 долари. Така мене ми ја наполнија главата со невистини. Кога почнав да работам овде, неделна плата ми беше 250 долари. На месец правев по 1000 долари и искрено ништо не ми остануваше, заработував за да преживеам. После седум месеци си отидов за Македонија. Едноставно сакав да заминам малку дома и да разбистрам глава. Си отидов со помалку пари отколку што дојдов на почетокот.
MS Што понатаму?
Д: Кога се вратив назад од Македонија, немав пари ама ич. Да ме истресеш, цент немаше да падне од мене. Имав цимер, он работеше градежништво, па неговиот газда ме зема и мене да работам. Тоа беше мачна работа. Од 5 наутро до 2 следното утро за 70 долара дневница. Неделно правев по 350 долари. Се мачев таму 2 месеца за да заштедам 1000 долари и да си ја купам првата кола. После се вработив како пица доставувач кај едни наши торбеши кои имаа пицерија и тука почнав да правам убави пари. Правев од 700 до 1000 долари неделно што беше супер. Се дружев многу, излегував и трошев.
MS Како влезе во светот на камионите?
Д: Додека јас работев пица доставувач, имав другари кои возеа камиони, но никој не ја кажуваше убавата страна на тој бизнис. Само плукаа по камионите, беа незадоволни, а пак возеа. Јас се заинтерсирав, се распрашав и започнав да возам камион за еден наш човек. За година дена си купив мој камион и да Ви кажам не зажалив. Си возев и убаво ми беше. Па купив уште еден камион за еден мој познаник кој и ден денес ми е пријател. Дојдов до неколку камиони, па имав некои здравствени проблеми, рецесија фати и се откажав од возењето. Почнав да работам во канцеларија во фирма за камиони, но некако почна да ми станува досадно. Пак почнав да возам, си отворив фирма. Тоа беше во 2010 година. Си земав канцеларии и сум на истата локација и ден денес од 2011 година.
MS Те променија ли парите?
Д: Не. Барем јас така мислам. Но сметам дека луѓето околу мене се сменија. Затоа што доаѓа до љубомора. Некако ко да живееме во друга ера. Променета е културата, луѓето, воспитувањето.
MS Си бил и на врвот и на дното. Што е она што те мотивира и дава желба за успех?
Д: Јас себе не се сметам за некој кој знае колку успешен човек. Јас сум визионер и сакам да одам напред во животот. Искрено сум ко мало дете. Си купив играчки што отсекогаш сакав да ги имам, коли, мотори, јахта…а сега имам за цел до 45-тата година да стигнам до тоа ниво да не морам да работам, да ми се исплатено, средена фамилија и да патувам. Сакам повеќе да почнам да шетам затоа што животот поминува многу брзо. Дур трепнам ми поминаа 19 години овде. Но мозокот ми е застанат на 22 години.
MS Ти останаа ли добри пријатели од Македонија?
Д: Малце бев диво дете. Не задржав многу пријатели од минатото. Како поминуваше времето се поретко се слушавме и кога не се јавуваш се губат луѓето и контактите. Но со некои луѓе си останав другар, како на пример Наум Петрески, дечките од Дрим Тим кои доѓаат овде или и јас кога одам назад мора да се видиме.
MS Твој совет за сите читатели на Macedonian Social?
Д: Мој совет е дека преку ноќ не можете да остварите се. Треба време, полека, се ќе си дојде на свое место. Не треба брзање, туку трпение. Јас сум многу стпрлив. Што сум замислил или посакал ми се остварило. Не било тоа истиот ден, недела или месец. Но доаѓа, што е Ваше ќе си дојде порано или подоцна.
