Македонската црква ,,Св. Кирил и Методиј” збирно место на сите македонци во Чикаго

Во ова издание на Macedonian Social ќе ве прошетаме низ почетоците и историјата на македонската црква ,,Св. Кирил и Методиј” во околината на Чикаго, односно Вилоуброк. Секој што живее во близина на Чикаго па и подалеку барем еднаш ја посетил црквата. Затоа решивме да продлабочиме во корените и да ви доловиме одблиску како е настаната црквата и кои свештеници биле дел од неа. 

Првиот почеток на емиграција на македонците во САД е забележан во 1880-тите години. Првата поголема група на македонци имигранти била во втората половина на 19та и првата деценија на 20-от век. Се проценува дека околу 50,000 македонци емигрирале во САД помеѓу 1903 и 1906 година, но Балканските војни и Првата светска војна го запрела на момент иселувањето. Во тоа време имигрантите претежно биле селани, меѓу кој имало и занаетчии, работници и интелектуалци. Како се стабилизирале работите после војната, постепено се повеќе и повеќе македонци се иселувале во Канада, Австралија и Америка.

“Самата идеја на правење и организирање на македонска православна црква се јавила уште во 60-тите години на минатиот век. Во тоа време немало многу македонци, но тие што се иселиле се доселувале најпрво во Охајо и Индијана па потоa и во останатите градови на САД. Првата македонска црква е осветена во 1963 година во Америка, односно во Колумбус Охајо, а одма по неа за многу краток временски период и црквата во Индијана. Но и Чикаго не е изоставен од листата на градови каде нашиот народ живеел. Повеќето од нив живееле на 26та улица со Пуласки, во тоа време го нарекувале eastern european neighborhoods каде живееле европејци” – вели Отец Тони Јошевски. Како се повеќе луѓе се доселувале од Европа се отварале ,,наши” ресторани, барови, кафани… и бидејки во тоа време повеќето биле пројугословени не им пречело дали локалот е македонски или српски. Но како се појавува национализмот, народот сакал да има нешто свое. Па така дошле до идеја да се направи македонска црква. Со помош на народот во 1978 г. купуваат напуштено место во Бервин Илиноис, стара зграда каде ја градат првата македонска црква посветена на сите сесловенски просветители и учители, правни апостоли Кирил и Методиј. Во 1981 г.  веќе црквата е осветена и прв свештеник бил отец Стојан Стојанов. Црквата функционирала добро во тоа време, но станувала се помала и помала бидејки бројот на македонци постојано се зголемувал. Па така семејството Динеф и Петар Шеровски го купиле местото во денешно Willowbrook (тогашно Hinsdale Incorporate) за само 150.000 долари. Тогаш просторот бил нешто како фарма и напуштена шума. Tие го чистат средуваат местото и со помош на народот и некој поголеми донатори се изградува новата црква. Па така во новиот објект доаѓа вториот свештеник Томислав Петковски кој бил на служба од 1991 до 1998 г. Во меѓувреме црквата ,,Св. Кирил и Методиј” се осветува, се доизградува и се преименува во место за духовен мир на нашиот народ. Од 1998-2004 г. доаѓа сегашниот свештеник Тони Јошевски, кој вели дека црквата тогаш во тоа време била единственото место каде македонците можеле да се соберат, дали на игранка или за празник. Тогаш преовладувала генерацијата од 60-тите до 80-тите. После 90тите години доаѓа нова генерација на имигранти кои дошле по пат на лотарија. 

Следна промена на свештеник настанува во 2004г. каде на служба доаѓа отец Рубинчо Ацевски кој е во црквата до 2011 година. По некои други околности кои настанале во тој период владиката го враќа на служба повторно отец Тони Јошевски кој бил на служба во Њујорк и е до ден денес во црквата во Чикаго.

Секоја недела во црквата ,,Св. Кирил и Методиј” со почеток во 10 часот се одржува богослужба со заедничка литургија каде луѓето се молат за здравје и среќа. Нема човек кој што го запознал отец Тони а не рекол дека ваков свештеник ретко се наоѓа. Секогаш е овде за нас да не советува, благослови и даде насоки за она што го работиме. Секогаш е насмеан , позитивен и знае да ни го разубави денот со убав збор. Освен неделните богослужби овде се и останатите кои се одржуваат независно од тоа дали ќе биде Господов празник кој е посветен на Светата Троица, или на Исус Христус или на светиот дух и отецот итн… Овде се и Богородичните празници кој се посветени на Пресвета Богородица и потоа имаме светителски празници кој се посветени на светителите.

Неизбежно е да се спомнат и другите настани кои се случуваат во црквата, а тоа е патрониот празник ,,Св Кирил и Методиј” кој секоја година се одржува на 24ти Мај, овде се сите посни и мрсни ручеци кои се во организација на женската секција и управниот одбор на црквата. Исто така постојат и не црковни настани како што се 8ми Март, забавите надвор во дворот на црквата за 4ти Јули, Илинден,Egg Hunting, Halloween кои се организираат со една цел, а тоа е дружбата на луѓето и социјализација. Бидејки како што во повеќе наврати отец Тони знае да каже: Доколу ние не им организираме нешто на нашите деца тие ќе појдат на друго место каде сепак ќе прослават.

Да не заборавиме да спомнеме кој се ја има посетено македонската црква ,,Св Кирил и Методиј” во Чикаго: првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, потоа Ѓорги Иванов, Љубчо Горгиевски итн.. Овде се и сите високо велики достојници кој константно доаѓаат и ја посетуваат црквата. Да го споменеме и неговото високо преосвештенство митрополитот Методиј кој е надлежен епархиски архиреј за нашата американско канадска епархија, чиј дел е и црквата ,,Св Кирил и Методиј” кој ја посети црквата минатата година за време на патрониот празник.

Во склоп на македонската црква ,, Св. Кирил и Методиј” постои и македонско училиште Св. Наум Охридски кој со себе носи свои успеси. Просторот каде моментално се наоѓа училиштето бил реновиран во 2013г. 

Многу генерации поминале низ тие клупи каде денес се горди што знаат да зборуваат и пишуваат на македонски.

Во просториите на црквата пред неколку години постоело и играорна група која била предводена од чичко Симе кој бил професионален играорец и кореограф.Потоа свој часови одржувале и Галија и Џон Куо како и други професионални играорци кој сето ова го правеле волонтерски за идните генерации. 

Во целина можеме да кажеме дека цркавата е онаа која што не зближува,не спојува и ни помага, а ова црква во Чикаго навистина го успева во тоа. Успешно се шири македонската традиција, култура, македонскиот јазик и христијанската религија. 

0 replies

Leave a Reply

Want to join the discussion?
Feel free to contribute!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *