Млади таленти – Во светот на Марија Весков – Сакам да станам уметник од светски размери

Марија Весков е млада дама без чиј талент за цртање на лица не поминува ниту еден детски роденден. Големи или мали, нема никој кој останува рамнодушен на нејзините вешти раце. Поседува пасија кон уметноста која од ден на се повеќе се зголемува, а најзиниот сон е да стане уметник од светски размери. 

Девојка која сака да го бои животот во различни нијанси, позитивна, своја, упорна и талентирана, таа е нашиот соговорник за во ова издание на Macedonian Social- млади таленти. 

Фамилијарно е по потекло од Кавадарци, родена е во Њу Џерси, моментално живее во околината на Чикаго и со своите 19 години подготвена е да го освои светот на уметноста.  

1. Марија, талентот  цртање кај тебе е неприкосновен. Која е процедурата која ја следиш за да се стигне до убаво нацртано лице?

Марија: Цртањето на лица кај дечиња за мене е слично како да цртам на хартија. Но децата мрдаат, се ги интересира, не се мирни и не седат на едно место, така што не е така едноставно да се нацрта лицето кај дете. Но штом го одберат она што сакаат да им биде нацртано, тогаш почнувам со основата и некако гледам да им биде интересно за да можам да ги завршам. Нема некој одреден ред по кој одам, се зависи од тоа што ќе одбере самото дете. 

2. Освен што црташ лица, ти исто сликаш. На кои теми најчесто твориш?

Марија: Уметноста за мене е важен дел од мојот живот и без неа дефинитивно немаше да бидам она што сум денес. Цртам на различни теми. Освен тоа, лично сакам и да фотографирам, така што можам да кажам дека имам голема пасија кон убава фотографија. Најчесто со објективот сакам да фатам спонтани моменти и лица.

3. Освен што си во светот на уметноста, фотографијата и дизајнот, очигледно си многу креативно девојче. Ќе стане професија или ова е само хоби?

Марија: Мојата цел не е да цртам само лица. Сакам да станам уметник. Мојот сон е да отворам сопствена уметничка галерија каде што ќе можам да покажам што знам и умеам. Каде што ќе можам да си ја изложам работата каде што секој ќе може да ја види. Сакам да давам часови по сликање, цртање, дизајн, вајарство и фотографија, часови по ,,sip аnd paint”. Одам на колеџ и се трудaм да научам се што можам за да можам да си го остварам сонот. Моментално имам сопствен бизнис за забави, кој нуди цртање на лице, покани за забава, фотограф за настан, балони. 

4. Од каде го научи сето ова?

Марија: Да бидам искрена, цртањето на лица го научив сама, но сите останати креативни вештини ги наследив и научив од мојата талентирана мајка. Таа е причината за мојата креативност и страст за она што го правам. Таа ме научи од мали нозе како да цртам, сликам, фотографирам. И нели крушата не може да падне подалеку од стеблото.

5. Претежно црташ лица кај деца, а тие најмногу се радуваат на тоа. Кои цртежи најмногу ги бараат?

Марија: Тука нема дилеми, момчињата сакаат Спајдермен и Бетмен. И нормално се што асоцира на одредени херои, коли или мотори. Девојчињата сакаат се што е со срциња и светки, розеви бои, панделки, хероини, женски ликови, принцези, круни како и мачиња. 

6. Освен во светот на уметноста, која е Марија приватно?

Марија: Сакам да читам книги и да пишувам. Искрена да бидам пишувањето ми било страст уште од прва година средно. Моментално пишувам книга која сакам да ја завршам и објавам за некоја година. Се надевеам ќе биде успешно мое првенче. 

7. Твој совет за сите читатели на Macedonian Social?

Марија: Мој искрен совет е секогаш да верувате во вашите соништа. Нема ништо што не можете да го направите, само верувајте во себе и останете со позитивна мисла и мотивација секогаш. За да се стигне до целта, не е лесно и нема да се случи преку ноќ, но на крајот секој труд се исплати. Цртам и се надоградувам од мојата 12-та година и никогаш не сум се откажала од моите соништа да станам уметник. 

0 replies

Leave a Reply

Want to join the discussion?
Feel free to contribute!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *