Macedonian Social здрaвје – Срам, страв или стереотип
За оние кои изгубиле некого и поминале денови со болка/и на душа. За оние кои кога врне не им се излегува од кревет, или кога нешто многу им значи не можат да престанат да се грижат. За родителите кои имаат дете што беснее и тешко може да се смири, а и за оние чие дете е премногу тивко и ретко комуницира. За сите кои имаат емоции и некогаш им е тешко да ги контролираат. Ова е за сите Вас, бидејќи е време да го прифатиме фактот дека без ментално здравје не би ни биле здрави.
Јавната стигма е реакцијата од генералното население за луѓето кои имаат ментални потешкотии.
Личната стигма е предрасуда која луѓето со ментални потешкотии ја имаат за себе. И двете врсти на стигма можат да бидат разбрани во 3 компоненти: стереотипови, предрасуда, дискриминација. Кога некој осудува некого или себе поради менталната состојба, процесот кој се случува во тој момент е еден од горенаведените 3 компоненти.
Во културата од која доаѓаме ние, менталното здравје на жалост е сеуште табу тема, опкружено со стигна и срам. За некои ситуации кои носат чувства на страв и срам да бидат сфатени и прифатени, тие првично мора да бидат разбрани. Кога ќе пристапиме до особа со разбирање наместо осудување, тогаш би можеле да видиме колкава планина носат на грб.
За да ја оттргнам оваа стигма околу менталното здравје најчесто на моите пациенти им го поставувам следното прашање:
– ,, Во ситуација каде осеќаш дека немаш воздух и почнуваш да се гушиш, чувствуваш бодежи во градите и грбот, левата рака ти трпне и се околу тебе имаш чувство дека се врти и изгледа замаглено. Што би направиле во тој момент? “
Ова се класични симптоми на срцев удар. Логично, кога ова се случува, првото нешто е да се повика итна помош или таа особа да се однесе до најблиската болница.
Ако вака реагираме за нашето здравје, тогаш зошто не може да прифатиме некого што има моменти на неконтролирано плачење, што нема желба да излезе од кревет, особа која се изолира од сите луѓе во нивниот живот, што одбива да јаде или се придружи кон било какво социјално дружење? Зошто наоѓаме толку лесно да ги прифатиме симптомите на срцев удар кои се случуваат низ телото, а ги осудуваме симптомите на депресија кои се резултат на хемиски дисбаланс во мозокот? Зарем не се и срцето и мозокот дел од човечкото тело?
Во 21век во кој денес живееме, време е да разбереме и прифатиме дека сите ние поминуваме низ убави и тешки моменти во животот. Сите ние, без разлика на пол, материјален статус, потекло или боја на кожа, имаме чувства и неурохемија која влијае на тие чувства и како ќе реагираме на нив. Ако со тек на годините можат да настанат промени во срцето како човечки орган, време е да разбереме дека исто така настануваат и неурохемиски промени во мозокот кои влијаат на човечкото расположение (тага, возбуда, хиперактивност, манија, опсесија) и однесување.
Пишува,
Марија Ризоска
Psychotherapist & Life Coach
Leave a Reply
Want to join the discussion?Feel free to contribute!