Macedonian Social рецепти – Кифличките на мама
Од ова издание на Macedonian Social ќе споделуваме оригинални рецепти од македонската кујна. Слободно праќајте ни ги Вашите рецепти со фотографии од направениот специјалитет на contact@macedoniansocial.org и истите рецепти и слики ќе бидат објавувани во магазинот. Овојпат со Вас ќе споделиме рецепт кој е доста карактеристичен за македонската кујна. Без нив не се може, дел се од сечија трпеза, за секој роденден, слава и чекање на гости. Секој ги прави на свој начин и постојат доста начини на правење за ова ремек дело, а ние ќе го објавиме рецептот на кифлички испратен од Маја. Така е, овојпат читате за кифличките на Маја, која таа ги нарече ,,кифличките на мама”.
Старите домаќинки ја научиле тајната на добриот вкус од нивните мајки и баби и ја пренесувале од генерација до следна генерација. Денес овој рецепт е добро познат во секоја македонска куќа. Се што Ви треба е желба, основни состојки и за брзо време ќе имате производ кој ќе биде мевлем за душа и трпеза.
Потребни состојки за подготовка на кифличките
– 500 мл ладно млеко
– 400 мл топла вода
– 3 мали филџани со сончогледово масло
– 1.5 супена лажица сол
– 4 кафени лажички шеќер
– 1 свеж квасец
– брашно по потреба 1.8-2 кг
– 4 жолчки од јајце
– 50 гр путер или маргарин
– сусам по потреба
– сирење по желба
Начин на подготовка
Чекор 1- Вклучете ја рерната да се загрее на 420 фареахајти или 220 степени целзиусови
Чекор 2- Во меѓувреме во сад ставете го млекото, водата, маслото, солта, шеќерот и квасецот и добро промешајте ги.
Чекор 3- Во мешавината додавајте по малку брашно и размесувајте ги истовремено. Откако ќе почне да се згуснува смесата почнете да го замесувате тестото со рака и додадете го остатокот од брашното.
Чекор 4- Извадете во тестото од садот и ставете го на кујнска површина претходно премачкана со масло и месете го се додека не престане да се лепи на вашите раце, најчесто со време траење од 15-тина минути.
Чекор 5- Откако ќе престане да се лепи, почнете да го удирате тестото од кујнската површина со интервал од 40-50 пати.
Чекор 6- Направете топче од целото тесто и веднаш поделете го на 8 еднакви дела и направете топчиња од секој дел.
Чекор 7- Секое топче со помош на сукало расукајте го во кружна форма. Добиениот круг исечете го на 8 еднакви делови.
Чекор 8- На врвот на секој дел додајте сирење по желба и завиткајте ја секоја кифла поединечно како што е прикажано на фотографијата.
Чекор 9- Завитканите кифлички наредете ги на претходно намачкана тава со путер или маргарин.
Чекор 10- Секоја од кифличките премачкајте ја со жолчките од јајце со помош на кујнска четка.
Чекор 11- На крајот секоја кифла попрскајте ја со сусам
Чекор 12- Пред да ги ставите да се печат, ставете по мало парче маргарин или путер на секоја кифличка.
Чекор 13- Ставете ги веднаш да се печат во веќе загреаната рерна. Печете ги околу 15-20 минути се додека не заруменат.
Чекор 14- Откако ќе се испечат, извадете ги и додека се сеуште во тава покријте ги со мокра крпа 10 минути.
Веднаш потоа се спремни за сервирање. Можете да ги послужите со вашите омилени додатоци, а ние Ви предложуваме да ги пробате со ајвар, сирење, кашкавал и сувомеснати производи.
Ви посакуваме добар апетит.

Leave a Reply
Want to join the discussion?Feel free to contribute!