Прослава на Петровден во Индијана
Достоинствено одбележување на патрониот празник на
Македонска православна катедрала„Св. Петар и Павле“ во Краун Поинт, Индијана
Православните Македонци во Северозападна Индијана го одбележаа Петровден, патрониот празник на својата црква. Црквата во Индијана е првата осветена македонска црква во Северна Америка. Минатата година се одбележаа 55 години од осветувањето на првата црква во Гери во 1963 г. Сегашната црква во Краун Поинт е осветена во 1991 г. Неслучајно оваа црква била посветена на светите Петар и Павле, апостолите кои најмногу се потрудиле во распространувањето на христијанството низ светот, та со посветата на оваа црква ним, да се означи почетокот на црковната мисија на самостојна Македонска православна црква меѓу православните Македонци во Северна Америка.
Празнувањето на Петровден, како храмова слава, отсекогаш било еден од поглавните настани за Македонците во овој регион, нивен втор Велигден, а како круна на тоа празнување е Петровденскиот пикник, кој секогаш се организира во викендот по 12 јули, по Петровденските пости. Петровденскиот пикник, најголемиот црковно-народен настан, од година во година станува сѐ поуспешен, и во делот на организацијата, и со посетеноста.
Оваа година, празнувањето започна со празничната вечерна богослужба во навечерието на Петровден, па продолжи и во наредните три дена, 12, 13 и 14 јули (петокот, саботата и неделата), со Свети Архиерејски Литургии во сите три дена, на кои како и секоја година, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот на Американско-канадската епархија, г .Методиј. На самиот ден Петровден, се благословува празничниот леб и се избира кум за наредната година, а потоа следи и заеднички ручек.
Во саботата од Петровденскиот викенд беше организиран голем турнир во фудбал, на кој учествуваа 15 екипи и со главна награда од 5,000 долари за победникот. Многубројните посетители, додека ги следеа натпреварите, уживаа во прекрасната македонска атмосфера, големиот избор на храна и скара, различните македонски специјалитети и печива подготвени од вредните македонски домаќинки. И сето тоа пропратено со убавата македонска музика и изведбата на локалната играорна група „Китка“.
Централното одбележување на Петровден беше неделната Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Владиката Методиј, во сослужение на парохиските свештеници о. Георгиј Глигоров и о. Александар Митров, како и свештениците од двете сестрински македонски цркви во Илиноис, „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Петка“, со присуство на претседателите и одборниците од овие цркви, со верниот народ. Веќе втора година се практикува вакво заедничко празнување (едноцрквие) при одбележувањето на патроните празници на нашите соседни цркви, со што македонскиот народ го посведочува своето верско и национално единство. На оваа неделна служба, традиционално беа обзнанени и им беа дадени признанија на овогодишните македонски матуранти. Остатокот од денот продолжи како и саботата, со фудбалски натпревар, со многу храна и музика, со прекрасна македонска атмосфера.
Македонската заедница во Индијана е една од поголемите во нашата дијаспора, која живее компактно и за која црквата е заедничкиот дом, каде секој Македонец се чувствува како дома и секој придонесува за заедничкото добро. За тоа најдобар показател беше големиот број на волонтери и учесници во организирањето на овој успешен Петровденскиот пикник. Македонците кои живеат овде се горди на она кои се и што се, и со радост го споделуваат тоа со своите и со другите. Изминатиот Петровденски викенд зрачеше со таа светлина.
Нека ни е честит и вековит Петровден!
Oтец Георгиј Глигоров
Leave a Reply
Want to join the discussion?Feel free to contribute!