Macedonian Social Sport – Македонскиот карате кид, со брзи потези реди вртоглави успеси

Ако веќе зборуваме за спорт, спортски успеси и достигнувања, не може а да не се забележи светскиот успех на ,,карате кид ” од Македонија, кој неполна година како живее и успева во Чикаго. Со резултати кои одземаат здив, со техники кои може да се видат по филмовите, овој млад човек докажува дека со голем сон, желба, натпреварувачки дух, жед за победа и визија за светла иднина навистина може да се освои светот. 

Дејан Милошевски-Чобачо е роден во Кичево, од каде што и започнува да тренира карате. Потекнува од фамилија каде што желбата за адреналин, натпревар и победа биле секогаш присутни. За доста краток период успеа да се снајде во Чикаго и навистина да го живее својот сон. За добрите вести надалеку се слуша, па така дојде до наше внимание да дознаеме нешто повеќе за овој млад човек, каратист и споделиме неколку од неговите животни искуства, новитети, приказни и спортски достигнувања.

MS Дејан, ти си каратист по професија и по хоби. Кажи ми како започна да се занимаваш со карате?

Моето семејство секогаш се занимавало со некој спорт. Уште како дете кога ги гледав сликите од мојот татко како се натпреварувал со својот мотор на неколку мото трки, знаев дека го имам тој натпреварувачки дух во мене. Мојата најголема поддршка во мојот живот, мојата сестра Дијана Милошовска беше исто така професионален спортист. Таа беше неколку пати државен шампион во гимнастика а потоа продолжи и професионално да се занимава со ракомет каде ги постигна и најголемите резултати во нејзината кариера. Во моето детство беа популарни и многу филмови на кои можеше да се забележи карате, и популарните актери како на пример: Џеки Чен, Брус Ли, Стивен Сигал и други. Се ова резултираше со мојот почеток да го изучувам каратето во 1995 година во мојот град Кичево.

За каратето Дејан ќе каже дека е начин на живот. Дисциплината, самодовербата и јасно поставената цел можат да Ве насочат кон успехот. Каратето го научило дека некогаш ќе победува, некогаш ќе губи но секогаш ќе учи нешто ново. 

Дејан: Можам да кажам дека сум имал многу падови во мојот живот но секогаш тоа сум го сметал како поттик и како можност дека ќе ме исфрли повеќе и повисоко кон можноста да го остварам својот сон. Тоа е исто како да скокате на трамболина, колку подлабоко ќе пропаднете толку повисоко ќе ве исфрли. Таков е и животот. 

Освен каратист, Дејан е и судија по карате со светска лиценца. Успех за кој тој особено се гордее. 

Дејан: Кога имате желба, цел и не се откажувате така лесно од вашите соништа “nothing is impossible”. Потребни беа многу работи за да се стане светски судија во карате, мојата најголема подршка е моето семејство. Во 2013 година кога положив за европски судија за карате бев најмладиот судија во Европа и верувајте ми бев многу возбуден и среќен. Во 2018 година успеав по втор пат да станам најмлад судија ама овој пат во светски рамки. Долг период сонувате и длабоко во себе знаете дека ќе го направите тоа и следниот момент го живеете тој долго очекуван момент едноставно тоа е чувство кое не може да се опише со зборови.

MS Се занимаваш ли со друг спорт освен карате?

Да, секогаш ме привлекувале боречките вештини, повеќе години се занимавам со реално аикидо, кога живеев во Швајцарија  почнав да се занимавам со Кобудо. Кобудо е стара  воена вештина (Tokugawa период 1603-1868) која потекнува од Окинава-Јапонија. Во оваа вештина се користат неколку традиционални оружја како на пример: катана, тонфа, кама, нунчаку, бокен, бо и сл.

Веќе неполна година како живее во Чикаго и за доста кратко време започна да го живее својот сон. 

Дејан: Во Чикаго живеам 11 месеци и можам да кажам дека моментално сум презадоволен од успехот, кој што успеав да го направам во овој навистина краток период. Дојдов во септември мината година од Швајцарија каде живеев 2 години. Да бидам искрен првите недели ми беше тешко да се навикнам на овој стил на живот. Но тоа беше предизвикот со кој морав да се соочам, со мојата посветеност и јасно поставена цел успеав да го надминам.  За мојот роденден овој месец го добив најдобриот подарок, го освоив бронзениот медал на државното карате натпреварување каде имаше пријавено повеќе од 2200 учесници. 

Моментално работи во Fonseca Martial Arts, една од најголемите карате организации во Илиноис, основана од страна на г/дин Џон Фонсека. Имаат  5 карате школи (Chicago, Park Ridge, Evanston, Wilmette, Glenview) со вкупно 1000 ученици. 

Дејан: Јас сум менаџер и главен карате инструктор во ФМА- Гленвју. 

Поради моето големо судиско искуство, член сум на судиската карате комисја во ФМА.  

Од неодамна имавме и преструктуирање во менаџмент структурата на ФМА. Поради моето формално образование, магистер на МБА менаџмент, и моето повеќе годишно искуство во делот на финансиите, веќе неколку месеци го менаџирам и финансискиот сектор на ФМА.

Дека е вистински херој покажува и фактот дека со каратето и техниките на каратето помага на дечињата кои имаат потреба од тоа. 

Дејан: Имаме повеќе различни програми но заедничко за сите нив е дека каратето содржи техники кои ја градат силата, издржливоста и флексибилноста, држењето на телото, рамнотежата и координацијата. Но овој спорт освен физички бенифиции нуди и ментални бенифиции, како на пример градењето на самодовербата кај децата и подобрување на концентрацијата.  

Овде би ја спомнал програмата КИАИ. Во оваа програма имаме дечиња со посебни потреби, некои од нив користеа помагала за да се движат и тренингот го правеа со нив. Посебно сум горд на еден голем шампион кој после 6 месеци карате тренинг успеа да ги направи своите први чекори без неговата количка. Ние ги менуваме нивните животи но верувајте ми и тие ни ги менуваат нас.   

За каратето тој ќе каже дека е доста популарно во САД, со оглед на тоа дека во 2020 ќе биде дел и од Олимписките игри. Подеднакво е застапен и кај машката и женската популација, најбројни се децата но има и повозрасни каратисти кои се занимаваат со каратето како рекреативен спорт. На пример посебната карате група ‘’Golden Dragons”  65+ години. 

Со кои возрасни групи работиш? 

деца од 3/4 години, Karate Tots

деца од 5/6 години. Little Dragons

деца постари од 7 години, овде имам неколку подгрупи во зависност од нивното искуство и карате појас (novice, beginer, intermediate, advanced). 
Begginer karate

Adult Karate

KIAI

Kick Out PD

На прашањето кој е Дејан приватно, тој ќе каже.

Јас сум од Кичево и од кога знам за себе секогаш сум сакал предизвици и имам натпреварувачки дух. Магистер на економски науки (МБА), зборувам англиски и француски јазик.  Во Чикаго живеам на неколку метри од езерото, често трчам и се трудам да го поминам слободното време во природа. Така ги полнам своите батерии и  секогаш имам позитивна енергија.  Моето второ хоби се моторите, сакам да патувам и често правам авантури и посетувам повеќе места и сакам да пробам локални специјалитети. 

Неговата најголема желба е  во 2020 година да има можност да суди и на првите олимписки игри во Токио на кои каратето за прв пат ќе биде дел од оваа највисока спортска манифестација. А освен тоа, тој има уште една голема цел пред себе. 

Моментално работам на новиот карате проект за лекување на Паркинсонова болест. Во проектот се вклучени околу 60 учесници, на возраст од 30 до 80 години, а тимот се состои од лиценцирани ПБ карате инструктори од ФМА, како и доктори и ассистенти од Раш хоспитал. 

По спроведеното првично тестирање на учесниците, резултатите беа изненадувачки. Оваа година потпишавме договор со најголемата болница во Илиноис „Раш хоспитал“. Доколку резултатите се позитивни од овој проект, оваа програма ќе биде прифатена и признаена како национална и ќе биде спроведена на целата територија на САД ова е мојата најголема цел оваа година.

Други цели се: следната година да освојам 1 место на државното натпреварување во САД. 

И за самиот крај на разговорт, еве што Дејан им препорачува на сите читатели на Macedonian Social.

Карате е вештина првенствено наменета за градење на личноста и карактерот. Ако сакате да бидете мотивирани, полни со самодоверба и позитивна енергија и да имате здрав живот тогаш е време да започнете со вашето карате патување.

Читањето на МС е одлична вежба за вашиот мозок, а каратето е одлична вежба за вашето тело. Затоа продолжете да го читате МС и трениратје карате во ФМА – за сите читатели следува (1 week free). 

0 replies

Leave a Reply

Want to join the discussion?
Feel free to contribute!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *