На свадба со Macedonian Social
Затоа што сме уникатни, оригинални и забавни, од овој број MS ве носи на различни свадби. Преку призмата на фото-објективот на Емил Ивановски ќе видите и прочитате како се организираат и прославуваат вакви настани од сите националности и од сите делови на светот, а се прават токму овде, во Чикаго.
Како за прва свадба за која ќе раскажуваме и пишуваме, нашиот избор падна токму на американска прослава, каде се слави токму љубовта, среќата, заедничкиот живот. Оваа венчавка се оддржа во хотелот The Wit, кој се наоѓа во строгиот центар на градот.
Се започнува уште од утринските часови кога во собите каде што се сместени младоженецот и невестата им пристигнуваат најблиските. Секој одделно (зетот и невестата) почнуваат да се подготвуваат, шминка, фризура, облекување. Гламурот е моментот кој младоженците сакаат да го постигнат со подготовките за најважниот ден во нивниот живот. Интересно за американските свадби е фотографирањето. Сакаат секој момент да биде забележан од самите подготовки па до она што тие го нарекуваат ,,first look”, a тоа е кога за прв пат невестата и зетот ќе се видат дотерани во она што ќе го носат на свадбата, нормално кај девојката тоа е венчаницата, а кај машкото костумот. Овој момент и за двајцата има посебна енергија и овде најчесто се прават едни од најубавите фотографии. По овој важен детал, следува фотосесија на младоженците на убави локации низ Чикаго каде им се придружуваат и деверушите од страна на невестата и другарите на зетот.
Конкретно оваа свадба беше релаксирана и имаше доста време да се направи убава фото-сесија. По сесијата, следува мала пауза, а потоа доаѓа делот и на официјалната церемонија каде што во една од просториите во хотелот се случува венчавањето. На овој голем момент се даваат заветите, се разменуваат прстените, младите си ветуваат долга љубов и заеднички брачен живот. На фотографиите можат да се забележат многу емоции, посебно кога таткото ја носи до нејзиниот иден маж и официјално ја дава раката на својата ќерка. Токму на оваа свадба може да видите дека и таткото на невестата е оној кој всушност ги венчава младоженците.
По овој дел од свадбата, сите гости одат во салата каде се одржува и преостанатиот дел од веселбата. Следува моментот кога ДиЏејот ги најавува зетот и невестата. Тие влегуваат во салата, се започнува со музика и првиот нивен танц. Важен детал е сечењето на тортата, која најчесто е голема, убава и изгледа прекрасно. Потоа невестата игра со татко и, зетот со мајка му, па кумот и старосватицата одржуваат говори на кои се кажуваат приказни и анегдоти за младоженците. Се фрла букетот, се јаде вечерата. Потоа се танцува и игра на американски песни и хитови. Токму оваа свадба траеше некои 10 часа. На менито може да се најде пилешко, говедско или свинско месо, риба со гарнир, или вегетаријанска опција. Американците најчесто трошат по околу 100 долари од човек на свадба, а најчесто се поканети од 200-300 гости.
Од свадбените ѕвона толку за овој број, во следното издание, ќе присуствувате на друг вид на свадба. Каква? Ќе дознаете во број 3.
Leave a Reply
Want to join the discussion?Feel free to contribute!