Ова е писателката, стенд ап комичарка и девојка-борец, чии пишани зборови оставаат без здив и забрзуваат пулс

Ивана Наскова е новинарка, писателка, стенд ап комичар, лице од ТВ екраните во
Македонија, девојка со големи сонови и високи цели во животот. Моментално е во
посета на Чикаго и Америка, каде ужива, шета, твори и истражува. Кога веќе ни дојде
на гости, ја искористивме шансата да ја запрашаме за животот, кариерата, книгите и она
што ќе биде следно од неа.

MS Ивана, веќе 2 месеци си во Чикаго. Малку на одмор и релаксација. Како ти се допаѓа
овде?
Чикаго беше љубов на прв поглед! Слушнав од многу луѓе за неговата убавина, но
навистина зборови не ја опишуваат убавината на овој град! Прошетав и видов многу места
и градови, но Чикаго е мојата прва љубов во Америка, а првата љубов не се заборава. Ја
сакам енергијата на градот, ја сакам архитектурата, парковите, езерото, плажите, ги сакам
луѓето овде. Во првите 24 часа откако пристигнав јас знаев дека Чикаго ми е влезе под
кожа и во срце. Интересно е како во исто време овде можеш да се почуствуваш како да си
во некој мал град, но и секогаш да се изненадуваш со нови места и парчиња од градот. Но
како и секоја љубов и Чикаго има своја маана, сообраќајот и гужвата можат да те извадат
од кожа. Но со сигурност кажувам дека го сакам овој град!

MS Од неодамна ја издаде твојата втора книга, ,,Вети ќе ме сакаш”, за која читателите
велат дека тера на плачење и буди многу емоции. Како автор, што тебе ти разбуди таа
книга?
Книгата беше напишана во еден од моите најтешки периоди, се наоѓав во нова етапа од
животот и јас како и главната хероина изгубив некој кој многу го сакав и ми беше цел свет.
Природно дојде да напишам книга за таа тематика, на некој начин книгата беше мојата
терапија да се кренам на нозе и да се потсетам колку животот е убав и колку сеуште имам
пред себе да искусам и доживеам. Не би сакала како Илина мојата хероина во книгата, да
ја загубам мојата шанса за среќа и вистинска љубов. Тоа е и приказната на книгата,
понекогаш животот е тежок затоа што се плашиме да побараме помош и правиме
погрешни одлуки, а не е се во рацете на судбината, ние сме судбината, ние сме оние кои
со секоја наша постапка го креираме текот на нашиот животен пат, затоа планирам да
бидам многу внимателна со моите одлуки, затоа што животот понекогаш не дава втора
шанса.

MS Има најава за оваа книга да се претвори во филм. Нешто се крчка?
Затоа што се планира книгата да се пласира на Американскиот пазар уште во првиот
момент еден од агентите кои се заинтересирани да ја издадат книгата го предложи токму
тоа, приказната да се претвори во филм. Искрено затоа што доаѓам од земја каде
навистина можностите се многу ограничени и одредени работи тешко се случуваат, кога
првиот пат тој ми кажа за понудата за филм јас почнав да се смеам, за потоа да бидам
уверена од човек кој има повеќе од 40 години искуство во ова поле, дека ДА, мојата книга
е толку добра. Дека ДА, возможно е од неа да се случи прекрасен филм кој исто така ќе ги
освои срцата на публиката. Тука веќе сфатив дека Америка можеби навистина е земјата на
можностите, каде соништата се остваруваат.

MS Првата твоја книга, ,,Совршениот странец” пишува за среќата, втората е тажна, што е
следно?
Третата книга е веќе во тек, таа е еден вид на водич за девојките кои ја бараат својата
вистинска љубов. Можеби не сум експерт на ова поле, но она што самата го искусив на
своја кожа и она што го слушнав од луѓето околу мене, преточено во книга, мислам дека
има големи шанси да помогне кога ќе се заплеткаме во сите оние прашања кои не мачат
кога почнуваме да се гледаме со некој. Не сум сигурна сеуште но мислам дека ќе биде
книга од која и момците ќе можат многу да научат за девојките. Спремна сум да го кажам
секое мое искуство во ова поле и можеби затоа што сакам да бидам брутално искрена,
ова ми е најтешката книга за пишување досега.

MS Кога се враќаш на работните обврски во Македонија?
Пишувањето е мојата работна обврска и таа не престана ниту додека сум овде во
Америка. Напротив обврските се зголемија, третата книга во тек, претходните две се
преведуваат и припремаат за издавање и тоа се процеси кои одземаат доста време и
енергија. Но кога го работиш тоа што го сакаш, само небото е граница!

MS Последниот ТВ проект на кој работеше беше ,,На шанк со Ивана”. Имаш во план да
се вратиш на ТВ екраните во Македонија?
Со ситуација како што е сега медиумскиот простор во Македонија, би била луда да се
нафатам на такво нешто! Трн во здрава нога што би рекле старите. Жал ми е што ова ни се
случува, таков шунд и неквалитет во медиумскиот простор не се сеќавам дека постоело
досега. Нека не се навредат колегите, но се што беше добро и квалитетно укинавме, за да

дадеме простор на турски серии, некои емисии каде деца настапуваат со текстови на
песни од кои ми се крева коса и водители и новинари кои го немаат потребното школо и
искуство и сето тоа е нешто каде не би сакала да се мешам. Секоја чест на луѓе кои се
трудат да го спречат сево ова и да направат нешто добро, но јас мислам дека пониско во
калта телевизискиот медиум кај нас не можеше да падне.

MS Какви импресии имаш од Чикаго и нашата заедница овде?
Се радувам што сретнав толку пријателски лица овде, но во исто време и се растажував на
секоја тешка животна приказна и борба за да се дојде во Америка и да се успее овде. За
поздрав се сите оние наши луѓе овде кои безрезевно подаваат рака и помагаат, оние кои
не го прават тоа и сеуште злобно коменираат и завидуваат зад грб треба под итно да
поработат на губење на тој “балкански” менталитет. Се радувам што првите се побројни
од вторите.

MS Работиш и како стенд ап комичар. Дали можеби некогаш би направила стенд ап
овде во Чикаго? Од што црпиш инспирација за стенд ап?
Стенд Ап комедијата е нешто што излезе сосема случајно и за многу брзо време
напреднав многу и во тоа поле. Имав неколку настапи надвор од Македонија и тоа ми
дава мотивација да пробам и овде да го направам истото, зошто да не. Но сега засега
книгите имаат приоритет. А во меѓувреме веќе имам толку материјал за следните Стенд
Ап настапи кои ќе ги имам, затоа што инспирација ми се моите лични искуства и она што
го забележувам околу мене, а верувајте за 2 месеци овде се случија толку многу работи
што се одличен материјал за Стенд Ап шоу.

MS Твој совет за сите читатели на Macedonian Social?
Негувајте го она што е наше и што е дел од нашата култура. Овој весник е токму тоа. Овој
весник е Македонија, овој весник сте вие. За поздрав се вакви проекти и секогаш ќе се
радувам кога во земја толку далеку од мојата ќе можам да најдам списание на
македонски јазик во кое се раскажуваат приказни за успешни македонци. Таков човек
сум, се гордеам кога некој од нашето парче земја ќе направи нешто и за истото ќе
прочитам во македонски весник. Одлични сте и знам дека ќе бидете уште подобри,
посебно затоа што позади весникот како уредник застанува моја драга колешка и
другарка, Марија Главчева, вистински професионалец и човек кој од секогаш ова го
работела со многу љубов!

ТИПС – Во првите

Тулумбите на Тета

Тулумбите како рецепт потекнуваат од Турција. Самиот збор значи пумпа, а подетално не
успеавме да откриеме зошто. Но овде сме да ви го претставиме рецептот на нашата
читателка Биле која е позната по превкусните “Тулумби на Тета” во Чикаго. Таа веке 8
години како секојдневно ги прави тулумбите и кој пробал од истите побарал уште.
Рецептот го има научено од тетка и која знае да каже:,,Не секој може да направи успешни
Тулумби. За овој рецепт ти треба трпение бидејки процесот е долг и бара умешност со
храна”.
Најпрво пригответе го шербетот кој ја има главната улога на толумбите. Тој треба да е
ладен затоа Биле ни препорачува да се направи од претходниот ден за убаво да олади. За
шербетот потребни се 1 килограм шеќер, 500 мл вода и неколку парчиња лимон. Ставете
се од состојките во тенџере да зоврие и да добие густа смеса потоа оставете ја смесата да
се излади.
Смеса за тестото
На шпорет ставете ја водата ( 500мл) и масло за јадење (100мл) да зовријат. Во
посебен сад ставете 350 г. бело брашно. Кога ќе зовријат маслото и водата се додаваат во
садот со брашното и се мешаат додека не се добие хомогена смеса. Истата смеса се
остава да излади околу 30 мин, но внимавајте да не ја оставите ( оладите) предолго.
Откако тестото ќе олади се додаваат 5 јајца, но процесот за успешно тесто е едно по едно
јајце, никако не ги додавајте сите наеднаш. Откако ќе ги измешате јајцата едно по едно
добиената смеса ја оставате да одстои 20-30 мин. но внимавајте да не е повеќе бидејки
тулумбите нема да ви се успешни. Следен чекор е самото правење на тулумбите односно
пржењето. Во длабоко тенџере или фритеза (кој што има дома) се става масло за јадење
во голема количина (1л и повеќе) во зависност од големината на садот кој што е
предвиден за пржење. Во специјален калап народски кажано “Толумбарник” ( кој може
да го набавите од Македонија) или пак доколку немате можност да набавите ставете ја
смесата во вреќа за филување но треба да го имате металниот дел кој ја има формата на
ѕвезда. Во загреаното масло на температура од 350 °F или 177 °C ставете од смесата за
пржење. Формата на тулумбите им е долгнавеста и е во вид на повеќекратна
ѕвезда.Големината зависи од самите вас и за каква пригода ви се тулумбите, дали ги
сакате помали или поголеми. Се пржат околу 5-7 мин или додека не добијат убава боја.
Така врели се вадат од маслото и се ставаат во веќе изладениот шербет да одстојат 10
мин. Потоа ги редиме во тепсија и со преостанатиот шербет истураме врз нив. Некој имаат
желба тулумбата да ја јадат пресна некои ја сакаат да отстои еден ден за убаво да впие од
шербетот. Оставаме на вас да изберете кој начин ви е подобар, а ние не дочекавме да
одстојат, од вештите раце на Биле во гладните стомаци на екипата на МС.

Како до подобар Имунитет ?

Сите знаеме како е чувството кога сме настинати: болка во синусите, чешање во грлото,
кивање и тежина во целото тело. Само што сте на стартот на настинката, а вие веднаш
почнувате да се проколнувате зошто не сте ги бришеле вашите раце по ракување со
вашиот колега кој штотуку кивнал или пак ги броите ноќите што не сте спиеле доволно.
Никој не сака да му се случи ова чувство, затоа треба да го одржувате имунолошкиот
систем во форма на против инфекција, а тајната воопшто не е комплицирана: ,,Ако се
грижиш за сопственото тело, имунолошкиот ситем ќе се погрижи самиот за себе” – вели
доктор Тимоти Маинарди алерголог и имунолог.
Имунитетот е способност на организмот да ги препознае туѓите тела кои го загрозуваат и
да се заштити од нив. Под туѓи тела кои штетно делуваат на нашиот организам ги
вбројуваме разните бактерии, вируси и паразити. Имунолошкиот состав има улога да ги
препознае, неутрализира, уништи и отстрани истите во процес кој се вика имунолошка
реакција. Имунитетот функционира како механизам чија улога е воспоставување на
бариера кон напаѓачите на организмот. Може да биде вроден или стекнат, активен или
пасивен. Претставува еден вид интеракција помеѓу нас и нашата околина.
Секојдневното информирање и читање за здрави навики, кои може да ги практикувате во
вашата дневна рутина, можат да ги намалат болните денови, и одржат вашиот
имунолошки систем појак и спремен против било кој вирус. Затоа ние сме овде да ве
насочиме кон неколку здрави навики кои мислам дека ќе ви бидат и те како од помош во
ова сезона на вируси и настинки.
● Јадете зеленчук и овошје
,,Најважниот начин да го одржите вашиот имунитет да функционира нормално е “старо
школо” начин кој ретко се зборува за него: исхрана и вежбање” – вели Др.
Маиндарди. “Да се има разновидна исхрана, е тешко што и го разбирам тоа, но
дефинитивно вреди да се испроба и вашиот обид ќе ве држи поздрави на подолг
рок. Храната богата со овошје, зеленчук, интегрални житарки и протеини ќе го
брани вашето тело против бактерии. Повеќе за исхраната и здравите навики
прочитатјте во статијата на Зорана.
● Вежбајте редовно
Вежбањето е она што го одржува нашето тело стабилно. ,,Колку и да звучи досадно,
редовното вежбање и здравата исхрана се најважните фактори за вашиот имунитет”. –
вели Др. Маинарди. Докажано е дека луѓето кои поголемиот дел од денот го поминуваат

во седечка состојба имаат поголема веројатност да настинат или да заболат со некои
посериозни болести. Најдете партнер за вежбање или пак запишете се на некој од
групните часови кој се достапни во теретаните околу вас, а наш совет е да пробате да
вежбате во природа со инструктор Зорана ( повеќе инфо можете да прочитате во
претходното издание на МС)
Спијте доволно
Кога се осеќате преплавени со вашата бескрајна “листа на задачи”, може да биде
примамливо да скратите од спиењето за да постигнете се’. Но доколку се почесто го
скратувате времето за спиење може да прерасне во озбилна последица за вашето
здравје. Постои асоцијација со недостаток на сок и боледување – објаснува тој.
Медицинските сестри и хирурзите кои работат по 100 часови неделно, се изложени на
многу поголем ризик за заразни болести и стравување на реактивирање на некоја болест
од минатото.
Мијте ги рацете со вода и сапун
Миењето на рацете е извонредно добар начин да си помогнете да ја избегнете
настинката, но исто така е и појава која не толку често ја правиме. Обичен сапун и вода е
навистина она што ви треба.
Користете дезинфекција за раце
Доколку сте излезени и не сте во можност да ги измиете вашите раце со сапун, друга
опција е дезинфекцијата на рацете со џебен распрскувач. Може да се набави во секаква
големина и е замена за вода и сапун.
Конзумирајте пробиотик
Бактериите во цревата можат да влијаат на способноста на вашето тело да избегне
инфекција. Затоа докторите предлагаат да се јаде храна со живи и активни култури.
Пробиотиците може да ве заштитат од одредени воспалителни состојби. На пример
ферментираната храна и пијалоци како што се камбуча и кимчи, можат да понудат
дополнителни придобивки во однос на редовната храна.
Бидете скептични за додатоците кои тврдат дека го зајакнуваат имунолошкиот
систем

Големи количини на хранливи материи, што ни требаат во организмот, можеме да ги
добиеме од храната што ја јадеме која е препорачано да е свежа и што помалку
обработувана. Бидејки со самото пржење или варење на храната избледуваат и

потребните витамини. Витамините можат да се скапи, но доколку одлучите дека
суплементите се задрави за вас, ве советуваме да ја земете препорачаната доза. Бидете
внимателни со индивидуалните додатоци на витамини А, Д, Е и К што можат да бидат
опасни за луѓето ако се земат во поголеми дози. Затоа Внимателно !!!
Во сезона на грип и вируси, неколку типови на храна можат да ви помогнат во тоа да и се
спротивставите на болеста и да го одржите имунитетот на високо ниво.

  • Ананас– состојките во анансот го тераат телото да произведува гранулоцити, од кои
    се создадени белите крвни клетки.
  • Лосос– Полн е со Омега-3, протеини, витамин Е и калциум.
  • Лути пиперки – полни се со копсицин
  • Остриги – полни се со цинк
  • Спанаќ – содржи железо, цинк и многу витамин А
  • Путер од кикиритки – полн е со витамин Е и антиоксиданци
  • Карфиол – содржи глутатион (ловач на вируси).
  • Пилешка супа – вообичаен “бабин лек” кој содржи карсонин.
    Витаминска бомба за подобар имунитет
  • Два моркова
  • Едно стапче целер
  • Сок од еден лимон
  • Сок од еден портокал
  • Едно јаболко
  • Една банана
  • Малку мед (по желба)
  • На врв на лажичка ѓумбир во прав
  • Една чаша вода
    Подготовка:
    Сите состојки се ставаат во блендер и се мешаат додека да добиете сок. Разредете со
    вода доколку ви е преконцентрирано.

Патот до успехот со Павле Биков – Рафа Никогаш не заборавајте од каде сте почнале

Во овој трет број на Macedonian Social наш соговорник е Павле Биков. Човекот чи
приказна до успехот вреди да се раскаже. Живот чиј пат до целта не бил воопшто лесен.
Денес има сопствена и успешна компанија за камиони, но тоа не било отсекогаш така.
Како стигнал до она што е денес ќе дознаете од прво лице, лично од него, во ова
интервју за Macedonian Social.
MS Што за тебе значи успех?
Павле: За мене лично успех значи кога ќе го достигнеш тоа нешто кое си го поставил како
цел и визија. Кога тоа што го работиш те исполнува и мотивира и не се штедиш самиот
себе си за да продолжиш по патот на успехот.
MS Кој беше твојот пат до успехот?
Павле: Патот до успехот не е лесен воопшто, мислам на сите нас кои имигрираме овде. Јас
дојдов овде во 2007 година прв пат како студент да работам во Капе Код, тоа е прекрасно
место близу Бостон. Дојдов во нова средина, тотално различна од животниот стил во
Македонија. Но сепак тоа беше убаво лето каде што собрав многу искуство и дознав
многу работи кои понатаму ти го олеснуваат патот и ти даваат правец во животот. После
тоа лето се вратив назад во Македонија. Следното лето, 2008 се вратив пак на Капе Код
каде што поминав уште 4 месеци по кои одлучив да го продолжам моето патешествие и
да заминам во Чикаго. Тука веќе се соочив со предизвици за кои знаев дека морам да се
справам, да изградам карактер, да успеам и знаев дека после тој праг нема назад.
Поминав низ познатата рецесија во 2008 кога беше навистина тешко да се најде работа и
се сеќавам дека првата година работев неколку работи пред да се одлучам да влезам во
камион. Не беше лесно да се одлучам и направам тој чекор, да бидам искрен, но имав за
цел да успеам и да створам нешто, а ова беше дефинитивно еден од најтрнливите
патишта, но во исто време и пократок до остварување на моите замисли и цели. Возев
точно 3 години пред да се одлучам да отворам компанија во 2012 година. Тука морам да
напоменам дека заедно со мојот парнер Таси Митев се одлучивме на тој храбар чекор и
дефинитивно не погрешивме.
MS Како се справуваш со сите предизвици што ги носи бизнисот со камиони?
Павле: Секоја работа си има предизвици, но мора да најдеш начин и да се справиш со
секој проблем или предизвик. Морам да кажам искрено дека во овој бизнис мораш да
имаш трпение и енергија затоа што има доста работи на кои мора да си целосно посветен
и фокусиран за да ја донесеш компанијата до едно ниво каде што ќе се има доста обучен
кадар и луѓе со кои можете да градите стабилна и безбедна компанија.
MS Кој е Павле приватно?

Павле: Јас сум роден во Штип, Македонија, Во Америка сум веќе 12 години, оженет и
татко на две прекрасни деца, Тоше и Натали. Сакам да патувам често и мислам дека тоа е
нешто што ми дава дополнителна енергија и желба за поголем успех. Сакам да
поминувам повеќе време со фамилијата, без разлика дали тие ќе се овде или јас ќе сум во
Македонија каде што живеат моите родители и сестра. Времето поминато со фамилијата
ме исполнува и дава енергија за сите предизвици. Чикаго е дефинитивно еден од
најубавите градови и често гледам да уживам со фамилијата или друштво во некој од
многуте разновидни ресторани.

MS На што сакаш да го трошиш слободното време?
Павле: Како што кажав и претходно, сакам да патувам и уживам со фамилијата. Исто сум
доста посветен на здравиот начин на живот и сакам да одам во теретана. Тоше е 7 години
и е целосно посветен на фудбалот па тоа дефинитивно ми е една од омилените работи и
слатки обврски што ме прави среќен и исполнува, па сум често на утакмици и тренинзи.
MS Ако не си она што си денес, што би работел и бил?
Павле: Па мислам дека доколку не бев со компанијата, пак би бил во овој бизнис, тоа ми
беше еден од бек ап плановите. Сигурно би имал пак неколку камиони свои во некоја
компанија.

MS  Што е твоја инспирација и формула за успех?
Павле: Среќен сум и горд на се што сум постигнал досега. Јас сум особа која сака да си
поставува цели и се трудам да го остварувам тоа што ме прави среќен. Верувајте во себе,
бидете храбри и упорни за да го остварите тоа што сте го замислиле.
MS По кои патеки според тебе треба младите да одат за да бидат успешни? 
Павле: Пробувајте и не се плашете од предизвиците. Се што ќе започнете си има ризик но
тоа не треба да не спречи да започнеме со нешто ново. Правете го тоа што ве прави
среќни, а откако ќе го пронајдете тоа што Ве усреќува и исполнува, верувајте дека тоа е
клучот за целосно да успеете.
MS Твој совет до сите читатели на Macedonian Social? 
Павле: Секогаш имајте план и храбро до остварување на своите замисли и цели. Бидете
секогаш упорни во тоа што сте го замислиле. Упорност и храброст е клучот на успехот и
никогаш не заборавајте од каде сте почнале. Благодарност до Macedonian Social за ова
интервју и се надевам дека ова е само почеток на Вашиот пат кон успехот. Читајте
Macedonian Social.

Посетете го најголемиот rooftop во Америка, кој се наоѓа токму во Чикаго

Иако летото штотуку замина, тоа не значи дека забавата на отворено и коктелите
завршија. Бидете секогаш расположени за нова авантура. На површина од околу 3300
метри квадратни пред неколку месеци се отвори најголемиот rooftop во Америка. И ни
помалку ни повеќе туку во нашиот Чикаго. Со незаменливиот поглед на езерото Мичиген
и магичната панорама на Чикаго Offshore Rooftop & Bar е место кое мора да се посети. Се
наоѓа на трети кат во зградата за настани во Navy Pier. Можете да уживате на зајдисонце
или во вечерната глетка на Чикаго со уникатни коктели и внимателно избрано мени од
познатиот кувар Michael Shrader и неговиот тим. Offshore се состои од затворен простор и
тераса што го прави погоден за било кое годишно време. Во затворениот простор каде
што место ѕидови е само стакло, така што секогаш може да уживаш во глетката, има
сепариња, високи маси и дел за игри со пријателите односно билјард. На средината исто
така се протега бар долг 30 метри кој што има 60 столови. На терасата која што зафаќа
површина од околу 1800 метри квадратни се наоѓаат сепариња, високи маси и седум маси
со оган кој што се идеални да создадат пријатна атмосфера во ладните Чикаго ноќи. Од
понеделник до петок Offshore е отворен од четири попладне до полноќ, а за викенд од
единаесет до еден наутро. 
Местото е погодно за бранч во сабота или недела, за излегување со пријатели, пијачка
после работа со колеги или поголеми настани. Поради тоа што се простира на огромна
површина постои и дел од 790 метри квадратни кој може да се изнајми за приватен
настан, за кој што ќе имате можност да изберете храна од мени составено само за таа
потреба. Вработените се екстра љубезни и тоа е детал кој е јаготка на шлагот за посетата
на овој локал да е незаборавна!

Тања Стојкова

Сан Франциско, град од кој застанува здивот на мал милион начини

Сместена на Пацифичкиот Океан, со идеална клима и природа, Калифорнија е држава
која плени со својата убавина. Но еден факт е сигурен, каде и да одите, кои градови да ги
посетите ќе бидете уверени дека секој град живее сам за себе и секој е различен од
другиот. Секој крајбрежен град има своја вибрација, убавина и автентичност која ќе Ви
даде чувство како да сте прв пат во оваа прекрасна држава. Една работа што е заедничка
за сите нив е тоа што сите изобилуваат со прекрасни плажи, а сето останато е приказна
сама за себе. Ако на Вашата листа за патување не сте го ставиле Сан Франциско или сте се
двоумеле дали да го посетите, уште сега погледете во календарот и резервирајте ги
Вашите слободни денови за посета на овој прекрасен град.
Она што го прави препознатлив пред сите други градови е тоа што целиот град е сместен
на брдо. Или сте во подножјето и пред себе имате поглед на угорници, или сте горе и го
имате Сан Франциско на дланка. Ако сте во добра кондиција и сакате да пешачите,
добрата вест е дека овој град може да се испешачи и види во неколку дена. А ако сте од
оние помрзеливите, електричните тротинети ќе бидат ваш најдобар другар. Со околу 260
сончеви денови во годината, овој град може да се пофали со идеална клима во секој
период од годината. Наочари за сонце за преку денот и тенка јакна за вечерта и вие сте на
вистинското место.
Ако сте сместени во центарот на градот сите работи ќе Ви бидат на дофат. Прошетајте до
Union Square, испијте кафе во едно од кафулињата и бидете пасивен набљудувач на
брзиот живот во Сан Францицко. Обиколена со безбројни бутици, продавници за
сувенири, уметнички галерии и салони за убавина, Union Square плаза е препознатлива
туристичка дестинација. За сите вљубеници во уметноста на само неколку блока од оваа
плаза се наоѓа Музејот на современата уметност. Сместен на четири спрата со 33 000
изработки од уметнички слики, склуптури, фотографии и дизајни, овој музеј е еден од
најголемите во САД а воедно и на светско ниво. Ако сакате да избегнете од топлото сонце
и брзиот живот, одвојте неколку часа од вашата агенда за посета на овој музеј и отидете
си со уште едно искуство побогати. Ако сепак повеќе сакате да уживате во надворешните
активности, прошетајте во Yerba Buena Gardens одма наспроти Музејот на уметноста и
почастете се со освежителен коктел во B restaurant & Bar каде ќе уживате во прекрасната
глетка на овој парк. Ноќта поминете ја во безбројните ресторани и барови со превкусна
храна и жива музика. Ако неможевте да се изнаситете на убавините на овој град преку
денот тогаш ноќта поминете ја во некој од многуте барчиња на роофтопови и уживајте во
погледот на многубројните облакодери облечени во ноќна светлина.
Сан Франциско е дом на најозогласениот затвор во САД – Алкатраз, па ако сте во посета на
овој град, посетата на истиот е задолжителна активност. На само 2 км од крајбрежјето
сместен на мал остров, посетата на овој затвор ќе ви да даде чувство како да сте дел од
една историја толку блиска, а сепак толку далечна. Единствена пристапност до овој осторв
ќе имате со фери бродчиња кои нудат превоз и слободни активности но имајте на ум дека
картите се распродаваат многу брзо, така да обезбедете ги навреме. Да се види и

почувствува место кое било дом на најомразените криминалци е повеќе од животно
искуство. Аудио турите кои се дел од посетата на овој затвор се одличен водич кој ќе ве
однесет во еден свет кој ќе ви остане во сеќавање засекогаш. Познато како место од кое
никој не успеал да се избега, овој остров е повеќе од еден затвор. Надвор од ќелиите и
високите ѕидови, ќе видете прекрасна флора и фауна и преубава панорама од Сан
Фрациско и неговите убави мостови. Иако во употреба како затвор бил само 29 години и е
затворен поради големите трошоци за одржување, Алкатраз оставил белег во
Американската историја за кој ќе се зборува и прераскажува за уште многу идни
генерации.
Недалеку од фери пристаништето, на околу 10 мин одење посетете го Pier 39, место каде
забавата никогаш не завршува. Полно со туристи и локалци, улична музика, храна и
пиење, Pier 39 е одлична дестинација за ги средите ги импресиите од посетата на
Алкатраз и да се вратите назад во реалноста. Ова е место кое живее преку целиот ден и
ноќ, така да, кога и да се одлучите да го посетите нема да погрешите, забавата е
загарантирана. А кога сте веќе во овој дел од градот, не пропуштајте да ја посетите и
најкривата улица во светот – Lombard Street.
Не сте биле во Сан Франциско ако не го посетите Golden Gate Bridge. Овој мост е еден од
најпрепознатливите интернационални симболи на Сан Франциско. Долг 1.5 км, Golden
Gate Bridge ги поврзува Сан Франциско Беј и Пацифичкиот океан. Без разлика дали ќе го
посетите преку ден или ноќ ќе бидете воодушевени од неговата убавина и нема да сакате
да си заминете од оваа глетка.
Ако сакате да побегнете од брзиот живот во Сан Франциско и сеуште имате време за
истражување и авантури, изнајмете кола и посетете ја Napa Valley. На околу еден час
возење од Сан Франциско, Napa Valley е рај за сите љубители на вино. Со повеќе од 400
винарии, Napa Valley е една од најпознатите и најголемите светски региони за
производство на вина. Прошетајте низ огромните гроздови пространства, тестирајте ги
најдобрите бели и црвени вина, научете го нивниот процес на создавање и уживајте во
спектакуларните пејжази пред вас. Ако сепак не сте љубители на класичните вина, тогаш
посетата на Domaine Chandon Winery е вистинското место за вас. Вкусете ги многубројните
газирани вина и шампањи, пробајте од највкусната локална храна и бидете дел од оваа
бајка. Легендата вели, кој еднаш ја посетил Napa Valley ќе сака да остане засекогаш. Но
ако мора да си отидете, потруди се да не бидеш ти возачот за враќање.
До следната авантура, во следниот број на Macedonian Social.

Горјан Славески- Професионален Боксер

Горјан Славески по потекло од Скопје, со боксот почнува да се занимава уште од 15
години. Неговите почетоци биле во школските сали, улици и подруми полни со
влага. Почнува активо да се занимава со боксот во Македонија, но наидува на
затворени врати и неверувања во неговиот потенциjал за професионален боксер.
Така разочаран од системот во својата родна земја судбината пред пет години го
натерала да замине и почне нов живот токму во Чикаго. Незнаејки што друго да
работи, бидејки боксот е она што го исполнува тој почнува активно да тренира.
Напорната работа и упорноста резултираат тој во 2015г стане професионален
боксер. Екипата од Macedonian Social го пронајде Гого, разговаравме со него за
неговите успеси и падови, за неговите планови и за соработката со музичкото дуо
ДНК.

MS Од каде желбата да спортуваш бокс? Што претставува боксот за тебе?
– Желбата за боксот како спорт не произлезе во ниеден момент, беше само пронаоѓање на
самиот себе во спорт каде што нема тимска соработка и потпора на соиграчи, додека пак
денес истиот тој спорт прерасна во пасија, љубов, кариера и начин на живот.
MS Каде се одвиваат тренинзите и колку пати во неделата?
– Тренирам 6 денови во неделата, некогаш и по два пати дневно.Тренинзите за бокс се во
Des Plains-Gregory Boxing, а тренинзите за физичка и кондициона припрема се во PXM
Cross fit во Edgewater.
MS Дали постојат посебни правила за исхрана и тренинзи пред натпревар?
– Не само пред натпревар, начинот на живот како боксер бара постојана посветеност и
стриктна диета, напорни тренинзи и упорност.
MS Дали некој од македонските компании во Чикаго те има спонозирано, колку знаат
да го вреднуваат твојот труд?

– Од нашите компании ме имаат еднократно спонозирано повеќе компании, некои од нив
навистина го ценат мојот труд и даваат вистинска морална и финансиска поддршка и сум
многу благодарен за сето тоа.

MS Можам да кажам дека боксот како спорт е многу тежок , дали секој може да го
спортува?

– Точно, боксот е тежок спорт, но го препорачувам на сите како хоби. За професионална
кариера не би го препорачал на секој, бидејки налага многу жртва и е доста ризично сето
тоа што го правиме и издржуваме.
MS Имаш многу борби, натпревари, издвој некој кој се од посебно значење за твојот
успех? Дали си наградуван?

– Во професионалниот бокс нема награди (освен парично на крај од борбата), но се трудам
да ја донесам мојата кариера до највисоко ниво. Немам некои посебни награди, секоја
борба ми има многу значење.
MS Дали боксот ти е хоби или професија? Спортуваш ли нешто друго? Што правиш во
слободно време?

– Боксот ми е професија. Се пронаоѓам во било која спортска активност затоа што сум
атлета, во слободно време играм фудбал, пливам, кошарка итн, најчесто моето слободно
време е поврзано со спорт.
MS Што е разликата меѓу македонскиот бокс и американскиот? Направи некоја
компарација.

– За споредбата на американскиот бокс со македонскиот ќе премолчам, затоа што нема
никакви сличности.

MS Која е целта во твојот живот , во однос на спортот? Кој е твојот идол?
– Целта е светска титула. Идол немам.
MS Неодамна беше дел од видео записот на ДНК. Кажи ни како дојде до соработка со
нив?

– Соработката со ДНК се случи спонтано, не беше планирано, ми дадоа многу поддршка и
решија да бидам дел од спотот, сакаа да помогнат на било каков начин.
MS Твојот совет за читателите на Macedonian Social?
Мојот совет за читателите на Macedonian Social е да не се откажуваат од своите соништа,
да го прават она што ги прави среќни по секоја цена. Животот е краток и вреди да се
ризикува СЕ, доколку тоа „се” ги прави несреќни во моментот, или на долгорочен план.

,,Sip and paint “, кога уметноста и забавата добиваат ново име

Macedonian Social е секогаш во тек со убавите трендови и уметноста. Затоа кога ќе се
спојат виното и сликањето настанува ,,Sip and paint “, еден поинаков начин на
доживување на уметноста, а во исто време и уживање во неа. Тоа е всушност сликање во
групи каде што секој може да пие од омиленото вино а во исто време и креира ремек-
дело.
Затоа екипата на Macedonian Social организираше токму вакво дружење и цртање во
,,Chicago Sip & Paint“, настан кој беше пополнет до последното столче. Боите, четките,
хартијата и се она што беше потребно за цртање секако беше овозможено од студиото, а
за вкусното вино кое се пиеше додека се црташе се погрижи Lemont Valley Market и сите
присутни имаа можност да ги пробаат вкусните еклери од Yummy Bites catering- Ирена.
Присутните имаа за задача да нацртаат девојка на плажа која чита Macedonian Social.
Целиот процес на сликање беше предводен од инструктор кој чекор по чекор покажуваше
како треба да оди сликањето и кои техники, бои и четки треба да се користат. Затоа што
,,Sip and paint ” е забава, сликање и пиење омилено вино, воопшто не е потребно да се
поседува искуство или талент за цртање. Треба само желба за убаво поминато време и
забавата е загарантирана.
Нашата домаќинка, сопственичката на ,,Chicago Sip & Paint“, Лили Митева ќе каже дека
македонците навистина уживаат во уметноста и имаат навистина талент за тоа. Конкретно
за сите оние кои присуствуваа на ова групно цртање таа ги пофали со чиста 10-ка, затоа
што навистина е заслужена.
Ја запрашавме од кога постои ова место и какво искуство црпи од уметноста?
Лили: Само што прославиме 5 години постоење во Јули. Навистина сум среќна и
благодарна, затоа што навистина уживам во она што го правам. Благословена сум со
оваа работа затоа што нема поубаво чувство да гледам како луѓето излегуваат од моето
студио среќни и задоволни од тоа како си поминале и што нацртале.
За самото времетраење на настанот, Лили ќе каже дека најчесто тие траат по 3 часа.
Студиото има на располагање околу 200 бои за сликање, а може да се црта на хартија,
стаклени чаши за вино или на дрвени даски.
Еве уште една идеја за тоа како може да го прославите вашиот роденден, да имате тим
билдинг, или пак да уживате во слободното време со вашите најблиски. Посетете ја и веб
страната https://www.sipandpaintchicago.com, и дознајте се за овој интересен пристап на
уметноста.

Ние како организатори на овој настан навистина бевме среќни што на еден поинаков
начин ја доближивме уметноста и забавата до сите оние кои присуствуваа. Ветуваме дека
ќе организираме што повеќе вакви интересни нешта, затоа што секој има потреба од
нешто поинакво, различно и оригинално.
Од самите фотографии ќе видите дека забавата беше загарантирана, а цртањето на
ниво.
Ние ќе ви порачаме дека следниот пат треба навистина да ни се придружите, а Лили од
,,Chicago Sip & Paint“ ќе ви каже:

  • Мој совет до сите читатели на Macedonian Social е да му дадат на цртањето шанса.
    Навистина е забавно, релаксира и се ужива во самиот процес на создавање на
    уметничко дело. И никој не треба да се секира дека треба да црта совршено, затоа што
    не постои совршенство во уметноста.