Животно осигурувње ДА или НЕ ?

Кога размислувате за осигурување, прва асоцијација ви е авто одговорност, осигурување за домаќинството и т.н….. Но зарем Вие не сте на прво место, зарем не треба прво да го обезбедите вашиот живот и животот на вашите најблиски? Ако одговорот е дека немате пари за да се заштитите себе си и вашето семејство, размислете за цената на една полиса, инвестирањето во безбедна иднина за вас и вашето семејство, која има иста цена со една вечера во ресторан.

Од година во година свесни сме дека процентот на заинтересиранот за животно осигурување се повеќе и повеќе се зголемува, и дека како човек старее така се повеќе се информира за и околу самиот процес на животно осигурување. Некогаш животот знае да ни донесе убави моменти, но се случуваат и такви од кој што не можеме да избегнеме, но затоа овде е животно осигурување кое на еден начин не прави заштитени и сигурни , и е одлична опција за нешто неочекувано. Подетално за оваа тема поразговаравме со финансискиот советник Анита Димитрова која ни дојде специјално во Чикаго да ни долови подетално што значи да се има ваков вид на осигурување, а воедно и да ги посети веке постоечките клиенти кој долги години работат со неа.

  1. Знаеме дека стапката на заинтересираност од година во година расте за животното осигурување. Ќе ни доловите ли одблиску за каков вид на осигурување станува збор и која е Анита?
  • Здраво Јас сум Анита родена во Штип, живеам и работам веќе седум години во САД, односно Бостон и овде сум со мојата сестра близначка Аница. Заедно завршивме Финансиски менаџмент на Универзитетот Гоце Делчев во Штип и дојдовме во земјата за која одсекогаш сме посакувале да живееме и да работиме, па така денес сонот е јаве и еве не станавме финансиски советници. По долго истражување која е најдобрата компанија од ваков тип се одлучивме за New York Life Insurance and investments кој веќе три години како работиме за нив и сме повеќе од задоволни. Животното осигурување во суштина значи заштина на семејството и децата. Доколку сте млад брачен пар кој штотуку добил бебе, се подразбира дека постојат поважни трошоци како што се креветче, количкa и други работи што на вашето новороденче му требаат. Без осигурување на живот, сите овие трошоци може да станат оптоварувачки или нема да вредат ништо ако некој од вас веќе нема да може да заработи. Детето не е само радост, туку и долгорочна одговорност. Неговата иднина зависи од навремените одлуки на неговите родители и затоа е добро родителите да почнат да штедат што е можно поскоро.. Многу често наидувам на Gofound me ситуации, каде молат за помош и пари за да се однесе телото во Македонија, а што понатаму? Дали и вие сакате да се најдите во една таква незгодна ситуација ? Јас НЕ. Затоа животното осигурување е најсигурното нешто за нас.

        2. Колку е заинтересираноста на македонскиот народ за ова осигурувањње, знаат ли македонците да мислат на иднината ?

  • На мое огромно задоволство морам да признаам дека заинтересираноста расте. Бројот на моите македонски клиенти од ден на ден е се поголем. Неможам да ви опишам колку ме прави тоа среќна. Но многумина од нас балканците во Америка не сме доволно информирани и не знаеме како животното осигурување и приватните пензиски фондови функционираат и кои се нашите опции овде како жители на оваа земја.

       3.  Како се справувате со луѓето кој се скептични на оваа тема? Како реагирате кога луѓето кажуваат НЕ на животното осигурување ?

  • Јас ги почитувам луѓето и нивниот начин на размислување. Неможеме да го игнорираме фактот дека во Македонија никогаш не сме морале да се соочиме со потребата на животното осигурување. Луѓето што се скептични сигурно никогаш не морале да поминат низ тој пекол, да немаш ни за основни работи после еден погреб.. Дали една мајка овде со две-три деца знае и е размислувала како и со колку пари ќе продолжи да живее и да ги школува децата без приходи на сопругот или обратно ?

       4.  Каде се можат луѓето да се едуцираат за животното осигурување? Да дознаат повеќе за бенефициите и како да ве контактираат ?

  • Во план ни е со мојата сестра да организираме едукативен семинар овде во Чикаго за да ги запознаеме нашите сограгани со можностите што ги имаат овде во Америка. Многумина од нас работат сопствени приватни бизниси и немаат бенефиции од работата како животно осигурување и 401 К и затоа е битно да почнеме сами да планираме за нашата иднина. Во Бостон често правиме едукативен семинар заедно со сестра ми во приватни фирми од 0-20 вработени или повеќе каде што им овозможуваме на работодавците да им помогнат на вработените со бенефициите, и сето тоа е бесплатно. Нивно е само да одвојат малку време. Секој што е заинтересиран може да ме контактира на мојот телефонски број или социјалната мрежа Фејсбук.

       5. Што се барате од клиентите, која е потребната документација во кратки црти? Дали разговорите се одвиваат лично или по телефон ?

  • New York Life е можеби единствената компанија каде што обезбедува осигурување на жители кој статусот сеуште не им е решен, но тоа се оснесува само на животното осигурување. За подетален финансиски план што вклучува инвестиции се потребни работна дозвола или зелана карта. Потребни се лична карта, социјален број, исплатени такси и зависи од пакетот кој го избирате доколку ги вклучувате и членовите од вашето семејство потребни се и нивни основни информации. Јас лично многу сакам моите клиенти да ги сретнам во живо, сакам убаво да им објаснам, сакам лугето да ја доловат суштината и важноста на планирањето за иднината овде во САД.Отварањето осигурување се темелите на финансиската куќа што ја градиме овде. После животното осигурување доаѓа штедењето за пензија , најважната тема за сите америкаци но и за нас бидејки сме дел од оваа земја.

         6. Дали постои ризик во вложување на животното осигурување ? Што доколу се почне па прекине договорот ?

  • Има повеќе видови на животно осигурување. Едноставниот план може да се прекине кога сакате, но со тоа ви се прекинуваат и бенефициите. Нема обврзаност да мораш да го имаш секогаш. Нашата компанија постои 175 години, сите претседатели во Америка од минатото и денешниот имаат животно осигурување токму со нас. Финансиската стабилност на нашата компанија е највисока од останатите. Јас лично не гледам ризик на моите пари инвестирани во животното осигурување.

         7. Кога станува збор за животното осигурување , дали се осигурува само поединец или целото негово семејство ?

  • Како што споменав има опции каде се осигурува и целото семејство, а тоа ги вклучува и децата. Имаме и Million dollar baby policy каде што им обезбедуваш бенефиции на децата во текот на целиот живот. Постои огромна можност да се штеди со животното осигуривање Whole life cash value accumulation заштеда што можеш да ја користиш во текот на животот. Парите што ги вложувате не пропагаат како за осигуравање на кола.

          8.  Како се справувате со луѓето кој знаат да кажат Ја имам истат понуда од различна компанија за пониска цена ?

  • Секогаш ќе има пониска цена, но кај нас купуваш квалитет и сигурност. Многу често гледаме на телевизија дека многу осигурителни комании пропаѓаат или се соочуваат со поголеми проблеми што не можат да го спасат ризкот на смртни барања. Тоа никогаш не се случило со нас. Годишно исплаќаме над 5 билиони за смртни барања и секаков вид на пензиски бенефиции. Нашите резерви се повеќе од 25 билиона. Исто така исплаќаме смртини барања и во други земји. Мојата мајка веке е клиент на New York Life, исто го планирам да го направам и со останатите членови од мојата фамилија кога ќе добијат виза за престој.

          9. Кој е вашиот совет за читателите на Macedonian Social ?

  • Мојата цел е да креирам дисциплина, штедење и планирање меѓу нас. Сите ние овде работиме и градиме иднина, но многумина од нас не штедат за пензиско. Премногу трошат и не инвестираат. Дали знает како ? Мислам дека е време да се заштитите самите себе и се она околу вас што го остварувате и да почнете парите да работат за вас. Контактирате ме за консултации, јас сакам да сум вашиот извор на информации. Ке го посветам целото мое врем за мојот народ да свати дека животот е еден. Време е да го прифатиме американскиот начин на живот и планирање за иднината, нели затоа и сме овде. А ти читателу можеш слободно и безгижно да читаш Macedonian Social, да уживаш во твоите цели и спокојно да спиеш.

За прв пат одбележан 4ти Јули во дворот на црквата ,,Св. Кирил и Методиј”

На 4ти Јули 1776 година, 13те американски колонии гласале за осамостојување од Англија, момент што довел до формирње на Соединетите Американски Држави – САД. Официјално од 1941 година па до ден денес секоја година на 4ти Јули, празникот познат како ослободување на Америка, американците го слават овој историски момент со паради, скара, концерти, огномети и патувања.

По тој повод управниот одбор на Македонската црква ,,Св. Кирил и Методиј” за прв пат оваа година организираше пикник во дворот на црквата, за сите оние кои одлучија да останат во Чикаго за време на празникот. Забавата беше проследена со жива музика за која беа задолжени Ристе Тевдоски, Владо Пупиновски и Крис Бајраковски. Неизбежна беше и скарата која се приготвуваше на лице место, се печеа јагниња и прасиња со цел да се задоволат потребите на граѓаните кои дојдоа да ја поддржат оваа манифестација која беше одлично посетена, мотив за догодина да се организира повторно и помасовно. Иако за некој овој празник преставуваше одмор, дел од членовите во црквата волонтираа во самата организација, помагаа и служеа. За најмалите имаше детско катче каде уживаа скокајќи по големиот балон во вид на замок. Посетители имаше не само од Чикаго, туку и од Индијана и Мичиген. Целиот собир беше проследен со аплауз наменет до Ана Симоновска која на виолина ја отсвири химната на Америка и Македонија, а посетителите беа воодушевени, горди и пееја во еден глас пред неа. Дел од атмосферата можете да најдете на официјалната страна на црквата на социјалната мрежа Фејсбук ,,Sv Kiril I Metodij.”

Македонската црква ,,Св. Кирил и Методиј” збирно место на сите македонци во Чикаго

Во ова издание на Macedonian Social ќе ве прошетаме низ почетоците и историјата на македонската црква ,,Св. Кирил и Методиј” во околината на Чикаго, односно Вилоуброк. Секој што живее во близина на Чикаго па и подалеку барем еднаш ја посетил црквата. Затоа решивме да продлабочиме во корените и да ви доловиме одблиску како е настаната црквата и кои свештеници биле дел од неа. 

Првиот почеток на емиграција на македонците во САД е забележан во 1880-тите години. Првата поголема група на македонци имигранти била во втората половина на 19та и првата деценија на 20-от век. Се проценува дека околу 50,000 македонци емигрирале во САД помеѓу 1903 и 1906 година, но Балканските војни и Првата светска војна го запрела на момент иселувањето. Во тоа време имигрантите претежно биле селани, меѓу кој имало и занаетчии, работници и интелектуалци. Како се стабилизирале работите после војната, постепено се повеќе и повеќе македонци се иселувале во Канада, Австралија и Америка.

“Самата идеја на правење и организирање на македонска православна црква се јавила уште во 60-тите години на минатиот век. Во тоа време немало многу македонци, но тие што се иселиле се доселувале најпрво во Охајо и Индијана па потоa и во останатите градови на САД. Првата македонска црква е осветена во 1963 година во Америка, односно во Колумбус Охајо, а одма по неа за многу краток временски период и црквата во Индијана. Но и Чикаго не е изоставен од листата на градови каде нашиот народ живеел. Повеќето од нив живееле на 26та улица со Пуласки, во тоа време го нарекувале eastern european neighborhoods каде живееле европејци” – вели Отец Тони Јошевски. Како се повеќе луѓе се доселувале од Европа се отварале ,,наши” ресторани, барови, кафани… и бидејки во тоа време повеќето биле пројугословени не им пречело дали локалот е македонски или српски. Но како се појавува национализмот, народот сакал да има нешто свое. Па така дошле до идеја да се направи македонска црква. Со помош на народот во 1978 г. купуваат напуштено место во Бервин Илиноис, стара зграда каде ја градат првата македонска црква посветена на сите сесловенски просветители и учители, правни апостоли Кирил и Методиј. Во 1981 г.  веќе црквата е осветена и прв свештеник бил отец Стојан Стојанов. Црквата функционирала добро во тоа време, но станувала се помала и помала бидејки бројот на македонци постојано се зголемувал. Па така семејството Динеф и Петар Шеровски го купиле местото во денешно Willowbrook (тогашно Hinsdale Incorporate) за само 150.000 долари. Тогаш просторот бил нешто како фарма и напуштена шума. Tие го чистат средуваат местото и со помош на народот и некој поголеми донатори се изградува новата црква. Па така во новиот објект доаѓа вториот свештеник Томислав Петковски кој бил на служба од 1991 до 1998 г. Во меѓувреме црквата ,,Св. Кирил и Методиј” се осветува, се доизградува и се преименува во место за духовен мир на нашиот народ. Од 1998-2004 г. доаѓа сегашниот свештеник Тони Јошевски, кој вели дека црквата тогаш во тоа време била единственото место каде македонците можеле да се соберат, дали на игранка или за празник. Тогаш преовладувала генерацијата од 60-тите до 80-тите. После 90тите години доаѓа нова генерација на имигранти кои дошле по пат на лотарија. 

Следна промена на свештеник настанува во 2004г. каде на служба доаѓа отец Рубинчо Ацевски кој е во црквата до 2011 година. По некои други околности кои настанале во тој период владиката го враќа на служба повторно отец Тони Јошевски кој бил на служба во Њујорк и е до ден денес во црквата во Чикаго.

Секоја недела во црквата ,,Св. Кирил и Методиј” со почеток во 10 часот се одржува богослужба со заедничка литургија каде луѓето се молат за здравје и среќа. Нема човек кој што го запознал отец Тони а не рекол дека ваков свештеник ретко се наоѓа. Секогаш е овде за нас да не советува, благослови и даде насоки за она што го работиме. Секогаш е насмеан , позитивен и знае да ни го разубави денот со убав збор. Освен неделните богослужби овде се и останатите кои се одржуваат независно од тоа дали ќе биде Господов празник кој е посветен на Светата Троица, или на Исус Христус или на светиот дух и отецот итн… Овде се и Богородичните празници кој се посветени на Пресвета Богородица и потоа имаме светителски празници кој се посветени на светителите.

Неизбежно е да се спомнат и другите настани кои се случуваат во црквата, а тоа е патрониот празник ,,Св Кирил и Методиј” кој секоја година се одржува на 24ти Мај, овде се сите посни и мрсни ручеци кои се во организација на женската секција и управниот одбор на црквата. Исто така постојат и не црковни настани како што се 8ми Март, забавите надвор во дворот на црквата за 4ти Јули, Илинден,Egg Hunting, Halloween кои се организираат со една цел, а тоа е дружбата на луѓето и социјализација. Бидејки како што во повеќе наврати отец Тони знае да каже: Доколу ние не им организираме нешто на нашите деца тие ќе појдат на друго место каде сепак ќе прослават.

Да не заборавиме да спомнеме кој се ја има посетено македонската црква ,,Св Кирил и Методиј” во Чикаго: првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, потоа Ѓорги Иванов, Љубчо Горгиевски итн.. Овде се и сите високо велики достојници кој константно доаѓаат и ја посетуваат црквата. Да го споменеме и неговото високо преосвештенство митрополитот Методиј кој е надлежен епархиски архиреј за нашата американско канадска епархија, чиј дел е и црквата ,,Св Кирил и Методиј” кој ја посети црквата минатата година за време на патрониот празник.

Во склоп на македонската црква ,, Св. Кирил и Методиј” постои и македонско училиште Св. Наум Охридски кој со себе носи свои успеси. Просторот каде моментално се наоѓа училиштето бил реновиран во 2013г. 

Многу генерации поминале низ тие клупи каде денес се горди што знаат да зборуваат и пишуваат на македонски.

Во просториите на црквата пред неколку години постоело и играорна група која била предводена од чичко Симе кој бил професионален играорец и кореограф.Потоа свој часови одржувале и Галија и Џон Куо како и други професионални играорци кој сето ова го правеле волонтерски за идните генерации. 

Во целина можеме да кажеме дека цркавата е онаа која што не зближува,не спојува и ни помага, а ова црква во Чикаго навистина го успева во тоа. Успешно се шири македонската традиција, култура, македонскиот јазик и христијанската религија. 

Shore Club Чикаго- инспириран од најубавите плажи во светот

Преубавите градски плажи на езерото Мичиген полни со луѓе и преубавата панорама на нашиот град не примамија да ги посетиме и одблиску запознаеме летните локали. Поглед на плажа и езеро е првото нешто што ќе ви го комплетира чувството на тотално летно задоволство.

Воздишката ни застана на најпознатата плажа North Avenue Beach каде е лоциран ресторанот Shore Club, кој нуди исто искуство како и оние на најдобрите плажи на светот. 

Обожавателите на поглед кон езеро веќе трета година уживаат во концептот на ресторан кој е составен од три дела. Првиот дел е затворениот ресторан, вториот е дворот со кој располага самиот ресторан и третиот оазата каде се поставени лежалки и кабани. Ресторанот  е направен од стакло, што не преставува проблем да уживаш во погледот на плажата и водата додека си внатре, за време на бранч или вечера. Амбиентот дава чувство на комфорт, а експанзивниот концепт на отворено е единствениот во Чикаго. Дворот на Shore Club е со разнобојни графити кои даваат шмек  на летна авантура, додека третиот дел или Оазата е она што долго се бараше во Чикаго. Оазата располага со лежалки и кабани во песок, кој ако сакате да ги користите се бара резервација однапред. Овде се случуваат најлудите журки преку целиот ден.

Целиот ресторан е во летен стил, а инспирација се најпознатите плажи во светот. Менито е претежно медитеранска кујна, а коктелите се летни со необични декорации. Ресторанот е дизајниран на површина од 13000 метри квадратни од страна на MWorks архитекти, кој се специјализирани во станбена архитектура. Пред самиот ресторан освен плажата и езерото се простира и долгометражната патека за возење со велосипед  или трчање, што дава дополнително чувство на социјализација, раздвиженост и исклучување од модерното време.

Млади таленти – Во светот на Марија Весков – Сакам да станам уметник од светски размери

Марија Весков е млада дама без чиј талент за цртање на лица не поминува ниту еден детски роденден. Големи или мали, нема никој кој останува рамнодушен на нејзините вешти раце. Поседува пасија кон уметноста која од ден на се повеќе се зголемува, а најзиниот сон е да стане уметник од светски размери. 

Девојка која сака да го бои животот во различни нијанси, позитивна, своја, упорна и талентирана, таа е нашиот соговорник за во ова издание на Macedonian Social- млади таленти. 

Фамилијарно е по потекло од Кавадарци, родена е во Њу Џерси, моментално живее во околината на Чикаго и со своите 19 години подготвена е да го освои светот на уметноста.  

1. Марија, талентот  цртање кај тебе е неприкосновен. Која е процедурата која ја следиш за да се стигне до убаво нацртано лице?

Марија: Цртањето на лица кај дечиња за мене е слично како да цртам на хартија. Но децата мрдаат, се ги интересира, не се мирни и не седат на едно место, така што не е така едноставно да се нацрта лицето кај дете. Но штом го одберат она што сакаат да им биде нацртано, тогаш почнувам со основата и некако гледам да им биде интересно за да можам да ги завршам. Нема некој одреден ред по кој одам, се зависи од тоа што ќе одбере самото дете. 

2. Освен што црташ лица, ти исто сликаш. На кои теми најчесто твориш?

Марија: Уметноста за мене е важен дел од мојот живот и без неа дефинитивно немаше да бидам она што сум денес. Цртам на различни теми. Освен тоа, лично сакам и да фотографирам, така што можам да кажам дека имам голема пасија кон убава фотографија. Најчесто со објективот сакам да фатам спонтани моменти и лица.

3. Освен што си во светот на уметноста, фотографијата и дизајнот, очигледно си многу креативно девојче. Ќе стане професија или ова е само хоби?

Марија: Мојата цел не е да цртам само лица. Сакам да станам уметник. Мојот сон е да отворам сопствена уметничка галерија каде што ќе можам да покажам што знам и умеам. Каде што ќе можам да си ја изложам работата каде што секој ќе може да ја види. Сакам да давам часови по сликање, цртање, дизајн, вајарство и фотографија, часови по ,,sip аnd paint”. Одам на колеџ и се трудaм да научам се што можам за да можам да си го остварам сонот. Моментално имам сопствен бизнис за забави, кој нуди цртање на лице, покани за забава, фотограф за настан, балони. 

4. Од каде го научи сето ова?

Марија: Да бидам искрена, цртањето на лица го научив сама, но сите останати креативни вештини ги наследив и научив од мојата талентирана мајка. Таа е причината за мојата креативност и страст за она што го правам. Таа ме научи од мали нозе како да цртам, сликам, фотографирам. И нели крушата не може да падне подалеку од стеблото.

5. Претежно црташ лица кај деца, а тие најмногу се радуваат на тоа. Кои цртежи најмногу ги бараат?

Марија: Тука нема дилеми, момчињата сакаат Спајдермен и Бетмен. И нормално се што асоцира на одредени херои, коли или мотори. Девојчињата сакаат се што е со срциња и светки, розеви бои, панделки, хероини, женски ликови, принцези, круни како и мачиња. 

6. Освен во светот на уметноста, која е Марија приватно?

Марија: Сакам да читам книги и да пишувам. Искрена да бидам пишувањето ми било страст уште од прва година средно. Моментално пишувам книга која сакам да ја завршам и објавам за некоја година. Се надевеам ќе биде успешно мое првенче. 

7. Твој совет за сите читатели на Macedonian Social?

Марија: Мој искрен совет е секогаш да верувате во вашите соништа. Нема ништо што не можете да го направите, само верувајте во себе и останете со позитивна мисла и мотивација секогаш. За да се стигне до целта, не е лесно и нема да се случи преку ноќ, но на крајот секој труд се исплати. Цртам и се надоградувам од мојата 12-та година и никогаш не сум се откажала од моите соништа да станам уметник. 

Macedonian Social здрaвје – Срам, страв или стереотип

За оние кои изгубиле некого и поминале денови со болка/и на душа. За оние кои кога врне не им се излегува од кревет, или кога нешто многу им значи не можат да престанат да се грижат. За родителите кои имаат дете што беснее и тешко може да се смири, а и за оние чие дете е премногу тивко и ретко комуницира. За сите кои имаат емоции и некогаш им е тешко да ги контролираат. Ова е за сите Вас, бидејќи е време да го прифатиме фактот дека без ментално здравје не би ни биле здрави. 

Јавната стигма е реакцијата од генералното население за луѓето кои имаат ментални потешкотии. 
Личната стигма е предрасуда која луѓето со ментални потешкотии ја имаат за себе. И двете врсти на стигма можат да бидат разбрани во 3 компоненти: стереотипови, предрасуда, дискриминација. Кога некој осудува некого или себе поради менталната состојба, процесот кој се случува во тој момент е еден од горенаведените 3 компоненти. 

Во културата од која доаѓаме ние, менталното здравје на жалост е сеуште табу тема, опкружено со стигна и срам. За некои ситуации кои носат чувства на страв и срам да бидат сфатени и прифатени, тие првично мора да бидат разбрани. Кога ќе пристапиме до особа со разбирање наместо осудување, тогаш би можеле да видиме колкава планина носат на грб. 

За да ја оттргнам оваа стигма околу менталното здравје најчесто на моите пациенти им го поставувам следното прашање: 
– ,, Во ситуација каде осеќаш дека немаш воздух и почнуваш да се гушиш, чувствуваш бодежи во градите и грбот, левата рака ти трпне и се околу тебе имаш чувство дека се врти и изгледа замаглено. Што би направиле во тој момент? “ 
Ова се класични симптоми на срцев удар. Логично, кога ова се случува, првото нешто е да се повика итна помош или таа особа да се однесе до најблиската болница. 

Ако вака реагираме за нашето здравје, тогаш зошто не може да прифатиме некого што има моменти на неконтролирано плачење, што нема желба да излезе од кревет, особа која се изолира од сите луѓе во нивниот живот, што одбива да јаде или се придружи кон било какво социјално дружење? Зошто наоѓаме толку лесно да ги прифатиме симптомите на срцев удар кои се случуваат низ телото, а ги осудуваме симптомите на депресија кои се резултат на хемиски дисбаланс во мозокот? Зарем не се и срцето и мозокот дел од човечкото тело? 

Во 21век во кој денес живееме, време е да разбереме и прифатиме дека сите ние поминуваме низ убави и тешки моменти во животот. Сите ние, без разлика на пол, материјален статус, потекло или боја на кожа, имаме чувства и неурохемија која влијае на тие чувства и како ќе реагираме на нив. Ако со тек на годините можат да настанат промени во срцето како човечки орган, време е да разбереме дека исто така настануваат и неурохемиски промени во мозокот кои влијаат на човечкото расположение (тага, возбуда, хиперактивност, манија, опсесија) и однесување. 

Пишува, 

Марија Ризоска 

Psychotherapist & Life Coach

Oxy третман за лице – Холивудски сјај на лицето

Стареењето започнува со недостаток на кислород. Тој не само што лечи туку и подмладува. Кислородот кој го дишеме од воздухот, го оддржува нашето тело и помага на кожата да биде чиста. Но во големите градови загадувањето, движењето во затворени и непроветрени простории, како и пушењето и стареењето,  допринесуваат до паѓање на нивото на кислород на кожата што доведува до појава на брчки. 

Зошто Oxy третманот е корисен?

-Помага за детоксикација на кожата

-Го забрзува развојот на новите клетки, со тоа што побрзо зарастува кожата со лузни кои се последица на акни и флеки.

– Произведува колаген, внесувањето на кислород и серуми на кожата допринесува до прозвод на колаген кој дава волумен и цврстина на кожата која ја изгубила еластичноста.

– Кислородот и серумот се благи и погодни за луѓе со осетлива кожа и за оние кои не се љубители на хемиските третмани. Овој третман е многу поволен за сите трудници.

– После самиот третман нема пецкање на кожата, ниту пак црвенило. Доколку имате потреба од шминка, слободно може да биде нанесена веднаш по третманот.

Oxу третманот е наменет за сите видови на кожа, особено за уморна, дехидрирана и кожа под стрес. Помага и ги ублажува подочниците, дејствува при неизедначен тен и пигментации, како и намалува длабоки и изразени брчки и линии.

Третманот започнува со пилинг на кожата, со кој се отстрануваат мртвите површински клетки. После тоа следува хидратација со серум и маска. Кожата кога е во оваа фаза на самиот третман се храни, омекнува и одмара. Следен чекор е кислородот. Со уредот со кислород се поминува лицето 2-3 пати. Третманот трае 30-60 минути и за забележливи и убави резултати се препорачува да се повтори тертманот 1-3 пати во рок на 15-30 дена. 

Бенефиции од  Oxу

-Сјај и хидратација на кожата

– Намалување на брчки, црти и избелување на флеки.

– Добро тонирана кожа

– Подобрување на кожата која што е многу изложена на сонце

– Подмладување и освежување на кожата

Летен изглед

Популарно со овој освежувачки третман за ова лето оди и минимална шминка за вечерните излегувања. Ние препорачуваме користење на следните производи за што по блескав изглед

– Бронзер

– Контура

– Хајлајтер

– Илуминатори за лице и тело

Александра Пилева: Имам песна за на Евровизија

Во овој број на Macedonian Social наша гостинка од областа на музиката е Александра Пилева, девојката чија музичка приказна се раскажуваше и надоградуваше во Македонија, се до моментот кога се пресели во Америка. На самиот почеток, пред повеќе од 15 години, јавноста ја запозна преку музичкото талент шоу на М2, а потоа продолжи да се истакнува и пласира на македонската музичка сцена со своите вокални способности , талент и изглед. Рокер во душа, верна и доблесна на она што сака да го свири и пее, таа својата музичка приказна ја продолжи овде во Америка, но далеку од медиуми и медиумска експонираност. После повеќе од 7 години, Александра за прв пат јавно се појавува во македонски медиум и тоа овде во Чикаго. 

Александра, како се чувствуваш овде во туѓина?

Александра: Здраво на сите. Чест и задоволство ми е да бидам дел од Macedonian Social и да, после толку години еве ме повторно во медиум. Точно, се среќаваме во туѓа земја, но ова повеќе не е туѓа, туку ова е наша земја сега, земја во која сме одбрале да живееме. Убав ми е животот овде, живеам во околината на Чикаго. Носталгија постои, на еден или друг начин секогаш ќе ни фали Македонија, но сепак, после 7 години живот овде тука припаѓаме и Америка е земјата во која ќе продолжиме да живееме јас и мојата фамилија. 

Мајка и сопруга, Александра ќе каже дека улогата на фамилијарна жена и одговара многу, убаво се снаоѓа и тоа е една од најубавите работи кои и се случиле.

Александра: Син ми Лука беше многу мал кога се преселивме овде во Америка. Да ти кажам дека го пораснавме и воспитавме на американски начин. Одлично му оди. Нас животот ни одговара премногу овде, имаме се што ни е потребно и најважно од се,  среќни сме.

Згодна, висока, шармантна и своја, Александра изгледа подобро од било кога. Очигледно дека и прилега начинот на живот како и се она што и се случува на приватен и професионален план. Александра, како ја оддржуваш фигурата?

Александра: Да бидам искрена имав успони и падови кога станува збор за мојот физички изглед, но еве, успевам да ја имам фигурата што сакам да ја имам, внимавам на исхраната, едноставно се грижам за себе. Овде вкусна ми е храната и на почетокот кога дојдовме сакав се да пробам и тогаш качив неколку килограми, но после се вратив на килажата и формата што ја сакам.

Имаш свој бенд, Salted Cofee со кој редовно настапуваш и многу си активна на музички план. Каде се може да се види Пилева низ Чикаго и околината?

Александра: Сите свирки и настапи што ги имаме ни се по американски клубови и локали, како на пример настапот денес во овој убав и голем локал. Некогаш настапуваме сите 4-рица, некогаш сме акустично, само гитара и вокал. Има различни варијанти. А кога станува збор за музиката, свириме американски класици, рок, поп, кантри музика. Има и исклучоци, еднаш пеевме на македонска свадба и имавме подготвено екс ју класици, македонска музика. Подготвени сме да настапуваме за сите пригоди.

Не настапува по македонските и балканските места во Чикаго. Избегнува дури и да се појавува на такви места затоа што едноставно така се чувствува. 

Кога настапува таа ќе каже дека е одлично прифатена од публиката.

Александра: Публиката овде на пример не знае што имам јас позади себе. Секогаш добивам многу коментари и комплименти за тоа колку добро звучиме. Додека пеам, никој не може да ми го осети акцентот, но кога ќе се обратам на публиката, ќе приметат дека имам акцент и знаат да дојдат да ми кажат дека немале поима дека имам акцент и доаѓам од друга земја. Понекогаш ми фали да бидам јавна личност како во Македонија, но среќна сум дека и овде сум опркужена повторно со музика и го работам она што навистина го сакам. Работам исто и во неколку музички студија, го позајмувам гласот. 

Името на бендот е навистина уникатен, Salted Cofee. Од каде идејата за вакво име?

Александра: Најчесто нели кафето се пие со шеќер, а ова име е кафе со сол, затоа што сме различни од се друго, ете тоа ни беше поентата да имаме такво уникатно и различно име. 

Кога планираш да издадеш албум?

Александра: Секогаш сме зафатени со нешто друго. Верувај дека имаме подготвено песни, ќе почнеме да ги снимаме и се некако немаме време. Знам дека треба да го издадам албумот. Дури имам една многу добра песна која знам дека ќе помине одлично на Евровизија и дури и помислувам да се вратам и да ја испеам таа песна, која верувам ќе им се допадне на сите. Но ајде, ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Се во свое време. 

Не се враќа во Македонија често, еднаш во текот на овие 7 години додека е во Америка има отидено се со цел да ги види најблиските. Нејзината мајка доаѓа да ја посети почесто овде. И фали најблиската фамилија и навистина се надева дека кога ќе издаде албум тоа ќе биде промовиран и во својата родна земја, на македонски и англиски јазик.

Александра, за крај на овој разговор, кој е твојот совет до сите обожаватели на Mаcedonian Social?

Александра: Навистина ми е драго што сум дел од овој проект. Се надевам дека ќе траете многу долго и се надевам на некоја заедничка наша соработка за во иднина. Јас сум секогаш овде. Редно време беше да се направи вакво нешто. Баш се радувам на овој македонски мултимедијален проект. Ги поздравувам сите и се гледаме секако во некоја следна прилика.

Бeнефитите од редовната физичка активност

Сите знаеме дека вежбањето е добро за нас, но дали знаете на кој начин е добро и зошто?

Од подобрување на расположението па се до видливи резултати на вашето тело, дознајте како со мала промена може да си го подобрите вашиот живот и здравје.


  1. Го подобрува расположението и менталното здравје
    Регуларната активност има многу физички и емоционални бенефиции.
    Во телото се ослободува хормонот на среќа серотонин, кој не прави да бидеме весели, позадоволни и посамоуверени. Со тек на време, таа среќа ни е и мотивација за да помогне во исполнување на поставените цели и предизвици.
  2. Ја контролира килажата
    Доколку за цел имате да ја намалите килажата, голема улога и значење има истрајноста. Само така, со редовна активност можете да согорите калории кои треба да се повеќе од калориите кои сте ги внеле во организмот преку оброци, за да бидете во дефицит кој ќе резултира со намалување на телесната тежина.
    Ако пак ги намалите калориите кои ги внесувате за да ослабнете, без притоа да вежбате, тоа би довело до намалување на мускулна маса. Кога калориите се намалени, телото бара друг извор на енергија, и за да не дојде до  намалување на мускулната маса и протеинот, потребно е да имате и план на вежби.


  3. Го подобрува сонот
    Грижата за себе и постојаната активност прави да се чуствувате убаво преку целиот ден како и за време на ноќта.
    Физичката активност наложува да трошиме повеќе енергија што не прави по заморни па ни треба поголем одмор на крајот од денот. Така покрај квалитетот, на овој начин се зголемува  и времетраењето на мирниот сон со што доаѓаме до следниот бенефит, а тоа е победа на несоницата.


  4. Вежбањето не ослободува од стрес и помага во борбата со депесијата и анксиозноста
    Брзото темпо на живот и секојдневните обврски и проблеми, немањето доволно време за се да се постигне, претставува своевиден стрес за организмот. Негативната енергија најлесно се исфрла преку физичка активност.
    Стресот е проблем на многумина кој што резултира со нарушен сон.
    Јогата, како вид на тренинг работи на сите аспекти, здраво тело, здрав ум и дух и е практично решение за секојдневните проблеми. Со практикување на истата, ја подобруваме еластичноста на мускулите и зглобовите, го смируваме нервниот систем, го намалуваме крвниот притисок и доаѓаме во состојба на релаксација.
    Кога сме анксиозни или се чувствуваме депресивни, последно нешто што сакаме да правиме, е да вежбаме.  Докажано е дека токму вежбањето има голема улога за доброто расположение. ,,Менаџери’’ на нашето расположение, задоволство и среќа се ендрофинот, допамин и сератонин. Со само 30 минути вежбање, концентрацијата на хормони за среќа се зголемува 5 до 7 пати.

  5. Ги намалува шансите за здобивање со хронични заболувања- болести
    Недостатокот на активност е причина на хроничните болести. Вежбите помагаат при подобрување на сензитивноста на инсулин, крвниот притисок, па така се намалуваат шансите за здобивање  болести како на пример дијабетес.

  6. Одлично е за мускулите и коските
    Бенефиции ќе ги забележите и во држењето и ставот на телото, зголемената мускулна маса допомага до стабилизација на целото тело. Физичката активност која вклучува тежини стимулира градење, зголемување на мускулите и е битна во градење на коскената густина која спречува повреди и појава на остеопороза во подоцните години. Така ни се намалува холестеролот, крвниот притисок допринесува до здраво срце и крвни садови, јаки коски, како и подобрено варење на храната.

  7. Допринесува до одлуката да се откажете од лошите навики
    Сите сме свесни дека пушењето цигари и конзумирањето алкохол се штетни за здравјето, но откажувањето е особено тешко! Докажано е дека вежбањето има позитивен ефект и при донесување на ваква одлука и откажување од тутунот. Доколку вежбате редовно, поголеми се шансите да полека почнете да водите сметка што внесувате преку вашите оброци, и дали се тие со голема нутриционистичка вредност да ги задоволи потребите на мускулите и телото, со самото тоа што ќе имате поубав сон големи се шансите вашиот ден да е по организиран и да го започнете денот рано наутро. А се е полесно со пријател.
    Запомнете, лошите навики се или од стрес или од досада.
    Бидете во круг на луѓе кои живеат живот кои вие го посакувате, направете план и водете евиденција на вашиот напредок.

  8. Вежбањето е забавно и може да биде и со социјален аспект
    Многу од причините поради кои постои недостаток на активност кај популацијата,  можат да се надминат кога би гледале на вежбањето и од социјален аспект. Недостатокот на мотивација е најголем проблем кој полесно би се надминал доколку  не сме сами. Со пријател, еден со друг се мотивирате, си помагате да ги постигнете вашите цели.
    Кога вежбате во група, владее чувство на одговорност и према другите членови и шансите да пропуштите тренинг се многу по мали. Групниот тренинг покрај тоа што не учи да бидеме компетативни и ни дава мотивација, знае да биде и забавен и нуди  нови пријателства.



Започнете полека, најдете начин да бидете што по физички активни во текот на денот. 

Одберете ги скалите пред лифтот, паркирајте го автомобилот подалеку од вашата дестинација и чекорете, носете ги кесите со две раце наместо да ги пренесувате со количка.

Во топлите денови, самите исперете ја колата, доколку имате домашно милениче правете почести прошетки, а попладневното кафе на работа испијте го правејки мал круг околу работното место.
Добрата вест е дека никогаш не е доцна! И најмалата променена може да помогне на долг рок, бенефициите се огромни, здравствени, физички и ментални!

Во следниот број ќе читате за правилната исхрана, а дотогаш, доколку сте спремни за промена, сакате забава и ви треба мотивација, придружете ни се! 

Вежбаме 3 пати неделно, попладне, во природа. Локација Hickory Hills.
За повеќе информации пратете емаил на zoetoneitup@gmail.com

Телефон 708-738-9222


Macedonian Social рецепти – Кифличките на мама

Од ова издание на Macedonian Social ќе споделуваме оригинални рецепти од македонската кујна. Слободно праќајте ни ги Вашите рецепти со фотографии од направениот специјалитет на contact@macedoniansocial.org и истите рецепти и слики ќе бидат објавувани во магазинот. Овојпат со Вас ќе споделиме рецепт кој е доста карактеристичен за македонската кујна. Без нив не се може, дел се од сечија трпеза, за секој роденден, слава и чекање на гости. Секој ги прави на свој начин и постојат доста начини на правење за ова ремек дело, а ние ќе го објавиме рецептот на кифлички испратен од Маја. Така е, овојпат читате за кифличките на Маја, која таа ги нарече ,,кифличките на мама”.

Старите домаќинки ја научиле тајната на добриот вкус од нивните мајки и баби и ја пренесувале од генерација до следна генерација. Денес овој рецепт е добро познат во секоја македонска куќа. Се што Ви треба е желба, основни состојки и за брзо време ќе имате производ кој ќе биде мевлем за душа и трпеза.

Потребни состојки за подготовка на кифличките

– 500 мл ладно млеко

– 400 мл топла вода

– 3 мали филџани со сончогледово масло 

– 1.5 супена лажица сол

– 4 кафени лажички шеќер

– 1 свеж квасец

– брашно по потреба 1.8-2 кг

– 4 жолчки од јајце

– 50 гр путер или маргарин

– сусам по потреба

– сирење по желба

Начин на подготовка

Чекор 1- Вклучете ја рерната да се загрее на 420 фареахајти или 220 степени целзиусови

Чекор 2- Во меѓувреме во сад ставете го млекото, водата, маслото, солта, шеќерот и квасецот и добро промешајте ги.

Чекор 3- Во мешавината додавајте по малку брашно и размесувајте ги истовремено. Откако ќе почне да се згуснува смесата почнете да го замесувате тестото со рака и додадете го остатокот од брашното. 

Чекор 4- Извадете во тестото од садот и ставете го на кујнска површина претходно премачкана со масло и месете го се додека не престане да се лепи на вашите раце, најчесто со време траење од 15-тина минути.

Чекор 5- Откако ќе престане да се лепи, почнете да го удирате тестото од кујнската површина со интервал од 40-50 пати.

Чекор 6- Направете топче од целото тесто и веднаш поделете го на 8 еднакви дела и направете топчиња од секој дел.

Чекор 7- Секое топче со помош на сукало расукајте го во кружна форма. Добиениот круг исечете го на 8 еднакви делови.

Чекор 8- На врвот на секој дел додајте сирење по желба и завиткајте ја секоја кифла поединечно како што е прикажано на фотографијата.

Чекор 9- Завитканите кифлички наредете ги на претходно намачкана тава со путер или маргарин.

Чекор 10- Секоја од кифличките премачкајте ја со жолчките од јајце со помош на кујнска четка.

Чекор 11- На крајот секоја кифла попрскајте ја со сусам

Чекор 12- Пред да ги ставите да се печат, ставете по мало парче маргарин или путер на секоја кифличка. 

Чекор 13- Ставете ги веднаш да се печат во веќе загреаната рерна. Печете ги околу 15-20 минути се додека не заруменат.

Чекор 14- Откако ќе се испечат, извадете ги и додека се сеуште во тава покријте ги со мокра крпа 10 минути. 

Веднаш потоа се спремни за сервирање. Можете да ги послужите со вашите омилени додатоци, а ние Ви предложуваме да ги пробате со ајвар, сирење, кашкавал и сувомеснати производи. 

Ви посакуваме добар апетит.