На свадба со Macedonian Social

Затоа што сме уникатни, оригинални и забавни, од овој број MS ве носи на различни свадби. Преку призмата на фото-објективот на Емил Ивановски ќе видите и прочитате како се организираат и прославуваат вакви настани од сите националности и од сите делови на светот, а се прават токму овде, во Чикаго. 

Како за прва свадба за која ќе раскажуваме и пишуваме, нашиот избор падна токму на американска прослава, каде се слави токму љубовта, среќата, заедничкиот живот. Оваа венчавка се оддржа во хотелот The Wit, кој се наоѓа во строгиот центар на градот.

Се започнува уште од утринските часови кога во собите каде што се сместени младоженецот и невестата им пристигнуваат најблиските. Секој одделно (зетот и невестата) почнуваат да се подготвуваат, шминка, фризура, облекување. Гламурот е моментот кој младоженците сакаат да го постигнат со подготовките за најважниот ден во нивниот живот. Интересно за американските свадби е фотографирањето. Сакаат секој момент да биде забележан од самите подготовки па до она што тие го нарекуваат ,,first look”, a тоа е кога за прв пат невестата и зетот ќе се видат дотерани во она што ќе го носат на свадбата, нормално кај девојката тоа е венчаницата, а кај машкото костумот. Овој момент и за двајцата има посебна енергија и овде најчесто се прават едни од најубавите фотографии. По овој важен детал, следува фотосесија на младоженците на убави локации низ Чикаго каде им се придружуваат и деверушите од страна на невестата и другарите на зетот. 

Конкретно оваа свадба беше релаксирана и имаше доста време да се направи убава фото-сесија. По сесијата, следува мала пауза, а потоа доаѓа делот и на официјалната церемонија каде што во една од просториите во хотелот се случува венчавањето. На овој голем момент се даваат заветите, се разменуваат прстените, младите си ветуваат долга љубов и заеднички брачен живот. На фотографиите можат да се забележат многу емоции, посебно кога таткото ја носи до нејзиниот иден маж и официјално ја дава раката на својата ќерка. Токму на оваа свадба може да видите дека и таткото на невестата е оној кој всушност ги венчава младоженците. 

По овој дел од свадбата, сите гости одат во салата каде се одржува и преостанатиот дел од веселбата. Следува моментот кога ДиЏејот ги најавува зетот и невестата. Тие влегуваат во салата, се започнува со музика и првиот нивен танц. Важен детал е сечењето на тортата, која најчесто е голема, убава и изгледа прекрасно. Потоа невестата игра со татко и, зетот со мајка му, па кумот и старосватицата одржуваат говори на кои се кажуваат приказни и анегдоти за младоженците. Се фрла букетот, се јаде вечерата. Потоа се танцува и игра на американски песни и хитови. Токму оваа свадба траеше некои 10 часа. На менито може да се најде пилешко, говедско или свинско месо, риба со гарнир, или вегетаријанска опција. Американците најчесто трошат по околу 100 долари од човек на свадба, а најчесто се поканети од 200-300 гости. 

Од свадбените ѕвона толку за овој број, во следното издание, ќе присуствувате на друг вид на свадба. Каква? Ќе дознаете во број 3. 

Авантурите на една бринета – Сан Диего Калифорнија

Топлите јулски денови нека не ви бидат изговор да ги поминете дома или на затворен простор под клима, туку напротив причина плус да излезете надвор и да истражувате. Ако сеуште се мислевте каде да ги поминете слободните денови, тогаш Сан Диего, Калифорнија е вистинскиот избор, дали ќе се одлучите за неколку дневна прошетка или ќе го поминете целиот одмор, Сан Диего е идеална летна дестинација. Сместен на брегот на Пацифичкиот Океан, овој град е дом на безбројни плажи, паркови, планини и идеална клима во текот на целата година.

Започнете го денот од рано наутро зошто убавините од овој град ќе не можат да Ве наситат. А нема поубаво утро од она кога топлиот песок ги допира вашите стопала, а сончевите зраци го греат вашето лице. Ако сакате да уживате во мирот и во звукот на брановите, Coronado Beach  е вистинско место да го поминете вашето претпладне. Оваа плажа знае да биде доста посетувана, затоа вистинско уживање ќе најдете наутро. Без разлика дали ќе се сончате и пливате во разладувачкиот океан или едноставно ќе бидете пасивен набљудувач, не продолжувајте во истражување без да го посетите Hotel Del Coronado, кој е всушност еден од најстарите хотели и заштитен белег на оваа плажа. И секако, не заборавајте да му оставите бакшиш на човекот кој прави песочни кули напред, оставете персонална порака на неговите дела и изненадете ги Вашите сакани.

Попладневните топли часови поминете ги во посета на безбројните музеи и паркови кои му даваат посебна нота на овој град. Ако сакате се ова да го видите на едно место, тогаш Балбоа парк е вистинското место. Одвојте го целото Ваше попладне ако сакате да го проучите целиот парк, зошто што овој парк е срцето на Сан Диего. Balboa Park е дом на повеќе од 16 музеи, прекрасни градини, патеки за пешачење и многу други рекреативни активности вклучувајки ја една од најголемите зоолошки во Америка. Ова огромно пространство нуди задоволство за секого. Ноќта резервирајте ја за разгледување на градот и посета на многуте барови и ресторани. Ако сте расположени за забава, вистинското место за тоа е Gaslam Quarter. Овој дел од градот е полн со туристи и локалци каде забавата трае до доцните часови. Но ако сакате ноќта да ја поминете во помирна атмосфера тогаш прошетајте низ Little Italy. Овде ќе ги вкусите најдобрите италијански специјалитети и вина за кои секогаш ќе се чувствувате гладни и жедни кога ќе помислите на нив. Ако сепак сте за поопуштена варијанта, зграбете кафе во една и сладолед во другата рака и едноставно седнете да уживате во Piazza della Famiglia и многубројните улични музичари. Најдобар начин да го проучите градот и да видите што повеќе места и знаменитости е да изнајмите тротинет на струја кои можат да се најдат насекаде во градот и функционираат многу едноставно. Се што Ви треба е да симнете апликација за користење и го имате целиот град на дланка.

Ако сте љубител на мексиканската храна, познатите маргарити и маријачи, посетете го стариот дел на градот. Оld Town е место за храна, фолклор и забава. Сето ова најдобро би го доживеале во Fiesta de Reyes каде ќе се почуствувате како да се наоѓате во Мексико. Направете пауза и свратете во многубројните колоритни мали пазари и продавнички за сувенири каде ќе научите многу за Мексиканската историја и култура. И нормално, не заборавајте да се почестите себе и вашите блиски со некој мал подарок. 

Ако сте љубител на пешачење и планинарење тогаш на Вашиот распоред за активности мора да биде Torrey Pines State Natural Reserve Park. Овој парк нуди голем број на патеки за пешачење различни по должина, но ако времето не Ви дозволува да ги посетите сите не се разочарувајте, зошто било која да ја изберете ќе ве донесе до поглед кој ќе ве воодушеви. Се разбира, колку подалеку и повисоко отидете, погледот ќе биде повоодушевувачки. Ако сте од оние кои попрво би уживале на плажа отколку да потрошат некоја калорија на планина, уживајте во бесконечните кањони кои се наоѓаат во подножјето на овој парк и кои ќе Ве остават без здив! Без разлика за каде ќе се одлучите да го поминете слободното време во овој парк, имајте на ум дека овде нема продавници и ресторани, така што храна и вода понесете сами.

Одвојте ден за прошетка по La Jolla. Не сте биле во Сан Диего ако не ги видите фоките кои безгрижно се сончаат на бреговите и го привлекуваат вниманието на секој турист. Во овој дел од градот ќе најдете плажи за сончање, ресторани со прекрасен поглед и уште повкусна храна. La Jolla е омилена туристичка дестинација што го прави Сан Диего уште попосакуван. Ако времето Ви дозволува изнајмете кајак и отидете во кратка авантура во разгледување на подводна пештера која се наоѓа токму овде. За оние по авантурите, во близина на La Jolla Beach постои скриена лулашка за која многу малку локалци и туристи го знаат патот до неа кој не е многу познат. Но штом ќе стигнете до неа ќе бидете сведоци на една од најубавата панорама која сте ја виделе некогаш. Патот до неа нема да Ви го откријам, Ве оставам сами да го пронајдете.

И кога ќе помислите дека сте го виделе најубавото од Сан Диего, веројатно сеуште не сте ги  посетиле Mission Bay и Pacific Beach. Овие две плажи се поврзани со шеталиште долго неколку милји, така што ако сакате да ги видите и уживате во нив за еден ден, изнајмете тротинет или велосипед и впуштете се во истражување. Покрај целото шеталиште имате ресторани и барчиња кои се секогаш полни со локалните жители и туристи. А кој не би сакал да седи на бар со ладен коктел и поглед од разбранувачкиот океан пред него? Овие плажи и локали се омилено место на младите луѓе, па ако ако и Вие сте едни од нив или барем се чувстувате така, Вие сте на вистиското место. И секако, не заборавајте да ги пробате познатите Калифорниски бурита кои нема да ги најдете на ниедно друго место.

Ако среќата Ве служи да имате чисто небо, не заборавајте да застанете на Sunset Cliffs од каде ќе ги видите познатите безвременски зајдисонца во Сан Диего кои ќе ви дадат чувство никогаш да не сакате да го напуштите овој град.

Оној што бил и го искусил Сан Диего со сите негови убавини кажува дека нема поубав град во Америка, а јас со сигурност можам да Ви кажам дека е во право. Овој град е една прекрасна бајка која секој треба секој да ја види и доживее.

До следната авантура, во следниот број на Macedonian Social. Ваша, К.Л.

Како до совршени нозе

Сите посакуваме силни, затегнати и тонирани нозе, особено пред почетокот на летната сезона

Алергиите доаѓаат

Подгответе ги шамивчињата, особено оние кои имаат алергија на поленов прав

Beatnik on the River

ресторант кој нема да ве остави рамнодушни  доколку би го посетиле

Македонскиот филм ,,Исцелител” во Чикаго

Премиерно во киното ,,Landmark’s Century Center” во Чикаго, македонскиот филм Исцелител

Македонска Забава

Македонската забава во Чикаго, доказ дека ние сме народ кој дише и живее за убава песна и весела атмосфера.

ЏАМБО ВО ЧИКАГО

Светски а наш, Џамбо Агушев и неговиот оркестар маѓепсуваат со својата музика низ Америка

Патот до успехот

“Сум го искачил врвот, сум го допрел и дното, но секогаш сум бил и ќе останам човек’

Манастирот ,,Си Светии” во Лешани, Охрид.

Единствен храм во Македонија, посветен на сите светии